Македонија
7. September 2024 - 16:34

Ниска цена за експропријација на земјоделско земјиште за новиот автопат Прилеп - Битола

Нови проблеми околу изградбата на автопатот Прилеп – Битола. Жителите чие земјиште треба да биде експропреирано за потребите на автопатот револтирани поради ниската цена која им се нуди за метар квадратен започнуваат судски постапки. Според Основниот суд во Прилеп тие во моментов се 62, а според ЈПДП 50. Но бројот секојдневно се зголемува. Според адвокатот Кирил Топчиоски кој застапува поголем дел од овие граѓани, тие не се против автопатот, само сакаат да им се плати реалната цена. Понудените надоместоци во атарот на село Тополчани биле 32 денари, а за областа кај селата Алинци и Беровци 70 денари за метар квадратен.

„Тие износи не соодејствуваат со реалната вредност на земјоделското земјиште кое им се кеспропреира. На жителите на овие населени места им се одзема високо квалитетно земјиште, прва/втора/трета класа земјиште, притоа им се одземаат поголеми површини од неколку илјади метри квадратни на секој поединечно, сите жители на овие населени места примарна дејност им е земјоделието и тоа им е основен извор на приходи, поради што и се појавува одреден револт кај нив“, истакна Кирил Топчиоски, адвокат.

Жителите се жалат и на тоа дека земјиштето за екпропријација во Гостиварско се исплаќало и по 10-кратно повисоки износи. Од ЈПДП велат дека проценката за експропријација се вршела од страна на Биро за процена, во кое според Закон за процена се определува и цената и дека во секоја општина имало утврдена цена од страна на Бирото.

„Голем дел од земјоделците и жителите на овие населени места се надеваат дека во иднина во соодветна судска постапка пред надлежниот суд ќе имаат можност со изведување на соодветни докази за утврдување на вредноста на земјиштето, со вршење на нова проценка од страна на вешти лица, да добијат повисока и реална пазарна вредност на одземеното земјиште“, додаде Топчиоски.

За регионот околу самиот град Прилеп се вршеле подготовки за изработка на основен проект за тој дел од автопат и затоа таму се уште нема експропријација.