Свет
20. July 2017 - 8:58

Трамп предложи нов министер за копнените сили

Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе го номинира Марк Еспер за министер на армијата (копнените сили), пренесоа американските медиуми.

Еспер е поранешен потпретседател на американскиот воено-индустриски гигант „Рејтеон“, а работел и за конзервативниот труст „Херитиџ фаундејшн“.

Пронаоѓањето кандидат за оваа функција се покажа како мошне тешка задача за претседателот Трамп. Неговите претходни предлози за министер на армијата беа инвеститорот-милијардер Винсент Виола, како и сенаторот од локалниот сенат на државата Тенеси, Марк Грин. Првиот се повлече од кандидатурата заради можниот конфликт меѓу неговите приватни и државни интереси, а вториот по острите критики против него за изјавите во врска со сексуалните малцинства, исламот и теоријата за еволуцијата.

Министерството за армијата се наоѓа во составот на Пентагон. Првиот човек на ова министерство е одговарен за материјално-техничкото обезбедување на американските копнени војски, а, исто така, и за човечките и материјалните ресурси, што се наоѓаат во нивниот состав.

Оваа номинација треба да ја одобри американскот Сенат.