Македонија
16. December 2017 - 9:40

Ветер во Пелагонија и Штипскиот регион до 83 километри на час

Утринава во Македонија преовладува умерено, а во западните и северните делови значително облачно и релативно топло време. Во западните делови има слаб локален дожд. Само во крајните југоисточни делови времето е сончево. Дува умерен, а  на повеќе места засилен јужен ветер кој во Пелагонија достигнува брзина до 48 километри на час, а во Штипскиот регион до 83 километри на час, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Времето денеска ќе биде претежно облачно и ветровито со повремени врнежи од дожд. Во западните и источните подрачја врнежите ќе бидат пообилни, особено попладне и преку ноќта. На планините врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер, особено претпладне.Највисоката дневна температура на воздухот ќе се движи во интервалот од 9 до 16 степени.

Во Скопје претежно облачно попладне со врнежи од дожд со променлив интензитет и со умерен до засилен јужен ветер. Највисоката температура ќе достигне до 13 степени.

 Под влијание на влажен бран од пладне и ноќта кон недела ќе има врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во западните и источните делови (локално околу 25л/м2). Поради спуштање на постуден воздух од север, на планините врнежите ќе бидат од снег, а во недела врнежи од слаб снег ќе има и на некои места повисоки од 600 метри надморска висина, при што ќе се формира и снежна покривка. Локален слаб снег, особено во западните делови ќе има и во понеделник. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, а температурите значително ќе опаднат.