Балкан
11. October 2019 - 14:36

Постапка на ЕУ против Австрија поради размена на податоци со Западен Балкан

Европската комисија поведе постапка против Австрија, Бугарија, Романија и Унгарија за кршење на договор затоа што склучиле договор со пет земји од Југоисточна Европа за автоматска размена на ДНК податоци, отпечатоци од прсти и регистри на автомобили.

Според австриските медиуми, станува збор за договор, инициран од Австрија со цел зајакнување на полициската соработка со Западен Балкан заради борба против прекуграничниот криминал.

Европската комисија го оправда иницирањето на постапката, велејќи дека само ЕУ има надлежност да разменува вакви информации. Поради тоа, договорот склучен со земјите од Западен Балкан се смета за кршење на ексклузивните надлежности на ЕУ.

Договорот меѓу четирите членки на ЕУ со Албанија, Северна Македонија, Молдавија, Црна Гора и Србија беше потпишан во септември минатата година, за време на австриското претседателство со Унијата, во рамки на конференцијата на министрите за внатрешни работи на ЕУ и државите од Југоисточна Европа во Виена.

Тогашниот министер за внатрешни работи на Австрија, Херберт Кикл, го окарактеризира договорот како „огромен чекор напред во борбата против организираниот криминал, тероризмот, екстремизмот и трговијата со луѓе“.