Почнува четвртата фаза од ублажувањето на мерките во Грција

Отворање на кафулињата, угостителските објекти и спортските центри на отворено, како и дозволата за патување на островите и пловидба на јахтите, се мерките кои од денеска стапуваат во сила во Грција, во рамки на четвртата фаза од владиниот план за постепено враќање во „новата нормала“, јави дописничката на МИА од Атина.
Кафулиња и угостителски објекти, во текот на викендот со полна пареа работеа за да се прилагодат на поставените нови стандарди за работа и да бидат подготвени за денешниот нов почеток по речиси два и пол месеца.
Масите, зависно од бројот и распоредот на столици, треба да бидат на растојание од 70 сантиметри, еден метар и десет сантиметри или еден метар и 70 сантиметри, додека пак на една маса дозволено е да има најмногу шест лица. Вработените, задолжително мора да носат маска.
Ќе бидат отворени само надворешните делови и летните тераси, а според заменик министерот за развој Никос Папатанаси, се разгледува можноста кон средината на јуни да се отворат и внатрешните делови.
Имајќи ги предвид вонредните околности и посебните стандарди за работа, на кафулињата и угостителските објекти ќе им се ослободи и дополнителен простор за поставување маси, онаму каде што нема да претставуваат пречка, а на општините нема да треба да им плаќаат дополнителна такса.
Од денеска Грците можат да патуваат на островите, а дозволена е и пловидба на јахтите.
Бродовите и траектите од минатиот понеделник сообраќаат со половина од капацитетот и со посебни превентивни мерки.
Предвидено е на патниците да им се мери температурата и да пополнуваат специјален прашалник за здравствената состојба пред да се качат во брод; да постои по едно празно седиште меѓу патниците; во кабините дозволено е само едно лице, освен ако не станува збор за семејство; како и влегувањето и излегувањето да биде со одржување на потребното растојание.
Следниот понеделник, планирано е отворање на хотелите што работат во текот на целата година, како и основните училишта и градинките, за кои синоќа, грчката Влада донесе одлука, по едногласната позитивна препорака на Комисијата на епидемиолози при Министерството за здравство на Грција.
На денешниот редовен брифинг со новинарите, министрите за образование и внатрешни работи ќе ги објаснат деталите.
Пред две седмици во училишните клупи се вратија матурантите, а минатиот понеделник започна наставата за сите средношколци.
Ново на Сител
-

Македонската фолклорна група „Илинден“ од Торонто освои прва награда на меѓународен фестивал во Краков
-

ЈП „Водовод и канализација“: Водата во Скопје е безбедна за пиење
-

Тотенхем со нова победа се поблиску до опстанок во Премиер лигата
-

Детроит и Кливленд по мајсторките ја минаа првата рунда од плеј офот во НБА лигата
-

„Ролинг Стоунс“ го најавија новиот албум и неговиот наслов
-

Во Берово најстудено утрово, во Гевгелија најтопло
-

Кошаркарките на Крива Паланка на чекор до прва шампионска титула
-

Ф1: Трета последователна победа на Антонели
