Филипче: Апелирам пациентите да кажуваат точни податоци
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција истакна дека во однос на кластерите, активните случаи и заразени со КОВИД-19 во огромен процент, помеѓу 65 и 70 проценти се во рамките на познатите кластери, дека тој тренд во Скопје продолжува, односно вирусот се шири помеѓу повеќе кластери, но има и нови. Филипче подвлече дека појавата на нови случаи е секогаш поради истата причина, а тоа непочитувањето на мерките.
„Во Охрид од семејна прослава со околу 200 присутни, досега се потврдени осум позитивни пациенти, 40 контакти се во изолација. На семејна прослава - свадба во Скопје на којашто имало стотина присутни, потврдени се 14 досега позитивни на вирусот. Голем проблем на епидемиолозите и инспекторите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) им создава несоработката на присутните на таа прослава. И покрај забраната, луѓето прават масовни собири. Нешто што апсолутно нема логика. И го осудувам, го осудуваат сите здравствени работници. Тоа го дискутираме на утринските состаноци на Комисијата со заразни болести. Имаме пациенти, коишто доаѓаат заради тоа што не почитувале мерки. Јасни се мерките. Не може да се собираат, мора да носат маски. Не може да се прави свадба, кога е тоа забрането. Не може други собири од 200 луѓе да се прават во Охрид кога е тоа забрането. И згора на тоа, да не се соработува, да не се кажуваат точни информации. Има и нови кластери, но во рамки на градот Скопје сè уште станува збор за трето, четврто колено, од каде почна вториот бран“, потенцираше министерот Филипче.
Во штипските конфекции, од седум досега, кои беа идентификувани како ризични, земени се 778 бриса, од кои потврдени се 126 позитивни случаи и хоспитализирани во болницата се 24 лица. Сите останати се на домашно лекување или во самоизолација, во зависност од симптомите. Од решенијата вкупно издадени од ДСЗИ, 400 лица се контакти.
„Откако се направи овој пристап, тестирање, изолација на сите контакти, состојбата во Штип и во тетовско постепено се смирува, останува во Скопје, особено населбата Чаир, каде има најголем број потврдени случаи. За жал сè уште епидемиолозите се соочуваат со проблемот со обезбедување контакти и давање вистинити податоци.
Сè уште се евидентираат и прекршувања и непочитување на мерката за самоизолација, но и на пропишаните мерки за групирање и за лична заштита. Во контекст на ова, засилени се контролите согласно координативните состаноци на Централниот штаб од страна на надлежните кои се задолжени да ги спроведуваат на терен овие активности. Владата веќе има донесено уредба со којашто се определува, за лице кое ќе го прекрши решението за самоизолација, или дава лажни податоци, во врска со лицата со кои било во контакт, да му се одреди мерката државен карантин во времетраење од 14 дена, за што МВР донесува решение, а трошоците за сместување во тие објекти се надоместуваат од лицето“, истакна министерот Филипче.
На прес-конференцијата, министерот Филипче потенцираше дека вториот бран сè уште трае, иако две од четирите големи жаришта полека спласнуваат.
„Сега постепено, согласно спласнувањето во Штип и постепено во тетовско, сконцентрирани сме на сузбивање на преносот на заразата тука во Скопје. Препораките на Kомисијата остануваат исти и бараме апсолутно да се почитуваат од сите граѓани, заради тоа што пред нас e уште долга битка со вирусот. Очигледно е дека вирусот е тука, и ние ќе мора да научиме соодветно да живееме со него. Мора да научиме да ги почитуваме мерките, кои се базираат на трите принципи, да се носат маски, да се одржува дистанца, да се одржува хигиена, односно често миење и дезинфекција на рацете, бидејќи тоа е нашиот нов начин на живот. Мора да се почитуваат и здравствените работници, да се кажуваат точни информации, заради тоа што само така ќе знаеме со каков пациент имаме работа и по која патека тој пациент ќе биде упатен. За жал, имаме неколку случаи во изминатите денови во коишто заради неточни податоци повеќе здравствени работници сега се во изолација и ова не смее да се случува“, рече министерот Филипче.
Тој упати апел сите пациенти во болниците да кажуваат точни податоци, поради тоа што пациентите не даваат точни информации и рече дека ќе инсистира тоа да се санкционира. Институциите мора да се почитуваат, и сите препораки да се имплементираат без исклучок.
„Оваа битка повеќепати кажуваме дека здравствените работници не може да ја добијат сами, ќе ја добиеме сите заедно. Животот мора да продолжи, не можеме да останеме затворени и со рестрикции, заради тоа што со почитување на мерките ние ќе го продолжиме нашиот живот. Со овие превентивни мерки и тоа ќе се случи што порано, ако се штитиме и себе и другите околу нас“, истакна министерот Филипче.
Ново на Сител
-
Стојановски ќе се бори за златен медал на ЕП во Таеквондо за кадети
-
Барале пари за да дадат информации - Нови детали за изчезнувањето на Лидија
-
Родри ја освои Златната топка со 41 глас повеќе од Винисиус
-
Мицкоски: Се обидуваме „Рош“ да се вратат и граѓаните да добијат врвна здравствена услуга по конкурентни цени
-
Според тестирањата во прилепските градинки, секое второ дете има проблеми со говорот
-
Мицкоски: Дефинирани се цените и производите опфатени со новогодишната кошничка
-
Од утре температурите пониски за пет до седум степени
-
ПСЖ би можел да го ангажира Куртоа за да му се одмазди на Реал за Мбапе