Еден позитивен пратеник, еден чека резултати од тест, Собранието не може да одржи седница поради неприсуство на опозицијата
Еден пратеник од владејачкото мнозинство е позитивен на коронавирус, а уште еден е тестиран и за него се чекаат резултати.
Ова, како што појасни координаторот на СДСМ Јован Митрески на почетокот на 30-тата седницата за која се уште не е утврден дневниот ред, е причината поради која во Собранието не може да се обезбеди кворум од 61 пратеник за работа.
Тој ја обвини опозицијата дека со денешното неприсуство на седницата покажува недржавничко однесување, особено, како што рече, што на оваа седница, меѓу другите, се измени на Законот за лекови, поврзани со вакцинацијата против КОВИД-19.
-Опозицијата има други интереси, теснопартиски и лични, за да се прикаже државата во лошо светло, поради што трпат институциите и државата, рече Митрески додавајќи дека од овие причини опозицијата го блокирала донесувањето на Деловникот за онлајн седници со цел, како што рече, да може да ја кочи работата на Собранието.
На ова реагираше координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој истакна дека неприсуството на опозицијата на седницата е резултат на, како што рече, недемократското однесување на мнозинството во Парламентот.
-Опозицијата е цело време во Собранието и ќе ви дишеме цело време во врат се додека се обидувате на ваков начин да ја преставите демократијата во Република Македонија. За жал имаме позитивен колега и колега кој очекува резултати на кои им посакувам добро здравје и побрзо враќање во пратеничките клупи, но она што го зборуваме од почетокот се покажува на дело, затоа што со 62 пратеника се однесувате како да имате 100, рече Мицевски.
Ако целокупната македонска опозиција која брои 58 пратеници и има повеќе гласови од мнозинството не е во салата, рече Мицевски, треба да се прашате зошто е тоа така.
Се додека не го смените начинот и односот со опозицијата, се додека законските решенија не се ставаат на матичните комисии каде треба и се додека избегнувате демократска дебата, нагласи Мицевски, ќе наидувате на отпор согласно алатките што ни стојат на располагање.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери по дискусиите на Мицевски и Митрески ја прекина седницата со образложение дека нема деловнички можности за работа.
Во врска со отсуството на опозицијата Џафери рече дека тоа што пратениците одбиваат да влезат на седница, иако се потпишани, е нивно легитимно право.
За тоа, рече Џафери, формално не се одговорни пред мене туку одговараат пред вас граѓаните. Последната одлука за тоа, потенцира претседателот на Собранието, ќе ја имате вие.
Продолжението на седницата ќе биде дополнително закажано кога ќе се создадат услови за кворум.
На оваа седница меѓудругите е и точката за интерпелација за работата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, предложена од опозицијата.
Ново на Сител
-
Што и како помага психотерапијата | Елена Џебр | Личен развој | Sitel Podcast 031
-
Повреден малолетник, истепан со дрвени и метални предмети од други малолетници
-
Кривична против тројца скопјани за „убиство во обид“ и „соизвршителство“
-
54-годишна скопјанка пронајдена почината
-
ДИК не го прифати приговорот за гласањето во Липково
-
Рендевски и Алексовски автори на поглавје во книгата „Двете страни глутаматот“
-
Пронајдена граната во близина на камп во Гевгелија
-
Приведен тинејџер, полицијата кај него пронашла дрога