Балкан
18. February 2021 - 11:06

Во црногорското МВР откриена измама од над еден милион евра

Во црногорското Министерство за внатрешни работи е откриена измама од над еден милион евра од донации на ЕУ, изјави потпретседателот на Владата, Дритан Абазовиќ.

Тој на прес-конференција истакна дека станува збор за злоупотреба на донации од ЕУ наменети за набавка на опрема за надзор на морската граница кон Хрватска и Албанија.

– Борбата против корупцијата и организираниот криминал останува приоритет. Откриен е прв поголем случај, кој нема да биде единствен. Станува збор за измама од над еден милион евра од донации на ЕУ. Набавената опрема не е во функција повеќе од една година. Немаме евидентни докази, но голема е можноста да се вршел шверц во тој период, можете да замислите во колкави размери, нагласи Абазовиќ.

Потпретседателот на црногорската Влада потврди дека за овој случај се известени европските партнери.