Македонија
28. April 2021 - 15:22

СДСМ: Повиците за бојкот на наставата се обиди за манипулација врз учениците

Да престанат манипулациите, со неоснован бојкот на наставата губат учениците, Законот за учебници е современо решение во согласност со светските пракси

СДСМ остро ги осудува обидите за манипулација врз ученици преку повици за бојкот на наставата.

Неоснованиот бојкот е на штета на учениците и нивниот воспитно-образовен процес, местото на учениците е на часовите и следење на наставата.

Упатуваме апел до учениците и нивните семејства да не подлегнуваат на обидите за манипулации кои се производ на скриени и нечесни намери на одредени групи кои не мислат добро ниту на учениците, ниту на образовниот систем во државата.

Како што е јавно објавено предлог Законот за учебници и други наставни и дидактички материјали е современо решение во согласност со светските образовни стандарди, со кој значително ќе се унапреди наставата, интеракцијата помеѓу наставниците и учениците и ќе се намали обемот на домашните задачи.

Со новото законско решение кое предвидува комбиниран модел на примена на учебници и други наставни и дидактички материјали, ниеден ученик нема да биде исклучен од наставата. Учениците од прво до трето одделение ќе добиваат печатени учебници, додека за учениците од четврто и погорните одделенија приоритетна опција се дигиталните учебници и условите за употреба на истите ќе му бидат овозможени секому.

Односно законски е обезбеден пристап до учебниците кои ученикот треба да ги користи. Па така, за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. За прв пат, се обезбедуваат и учебници во аудио формат, а воедно се печатат и учебници на Брајово писмо.

Со новиот Закон се става крај на неквалитетните учебници кои уништуваа генерации ученици, учебници кои беа полни со дискриминаторски содржини, стереотипи, говор на омраза и поделби и тој не смее да биде причина за бојкот на наставата.

Учениците и родителите да ги следат официјалните канали на комуникација на Министерството за образование и наука и останатите надлежни информации кои секојдневно транспарентно ја информираат јавноста за Законот за учебници.

Владата предводена од СДСМ, надлежните институции остануваат посветени на градење на современ образовен систем каде ученикот ќе биде ставен на прво место.

СДСМ – Центар за комуникации со јавноста