Свет
24. October 2021 - 12:01

Во Источна Европа речиси 20 милиони заразени со Ковид-19

Регионот Источна Европа се бори со најлошото ширење на инфекцијата од почетокот на пандемијата, а спроведувањето на вакцинацијата се одвива тешко, јавија западни медиуми. Земјите во регионот имаат најниски стапки на вакцинација во Европа, при што помалку од половина од населението примило само една доза од вакцината.Наскоро ќе има повеќе од 20 милиони инфекции со коронавирус во Источна Европа.

Најмногу вакцинирани има Унгарија, 62 отсто од населението примиле најмалку една доза, додека во Украина само 19 отсто примиле една доза, според „Our World in Data“.

Бројот на заразени во регионот постојано се зголемува и сега во просек изнесува повеќе од 83.700 заразени во еден ден, што е највисоко ниво од ноември минатата година. Иако Источна Европа сочинува четири отсто од светското население, таа претставува приближно 20 отсто од новите инфекции ширум светот.

Три од петте земји со најмногу смртни случаи во светот се во Источна Европа – Русија, Украина и Романија.

– Повеќе социјални собири во затворени простории по укинувањето на ограничувањата резултираа со зголемување на инфекциите со Ковид-19 во многу земји низ Европа, изјави во четвртокот извршниот директор на Светската здравствена организација Мајк Рајан.

Истражувањето на Европската комисија, Евробарометар, покажа дека најмалку еден од три лица во повеќето земји во источна Европска унија нема доверба во здравствениот систем, во споредба со просекот на ЕУ од 18 проценти.

Повеќе од 40 проценти од сите нови инфекции во Источна Европа беа во Русија, каде што се регистрирани 120 позитивни тестови на секои пет минути. Здравствениот систем во земјата работи под голем товар, изјави во средата министерот за здравство Михаил Мурашко. Државата објави рекордни смртни случаи од Ковид во петокот четврти ден по ред. Досега во Русија се вакцнирани 36 отсто од жителите со една доза.

Москва, главниот град со најголемо население, следната недела ќе ги затвори сите бизниси освен основните продавници како супермаркетите и аптеките за да го запре ширењето на болеста.

Словачка објави 3.480 новозаразени со Ковид-19 на 19 октомври, што е највисок дневен број од март, покажаа податоците од Министерството за здравство во средата. Словачка има една од најниските стапки на вакцинација во ЕУ, со нешто повеќе од половина од возрасната популација целосно вакцинирана во земјата од 5,5 милиони. Ова придонесе за побрзо ширење на инфекцијата отколку во некои соседни земји.

Во Романија, болниците се преоптоварени до критична точка, а креветите за итни случаи се целосно зафатени низ целата земја. Државата објави рекорден број дневни смртни случаи и инфекции со коронавирус во вторникот. Вирусот убива во просек по едно лице на секои пет минути овој месец во земја каде стапката на вакцинација е ниска.

Украина во петокот втор ден по ред забележа рекорден дневен број на инфекции со коронавирус и   смртни случаи. Продолжена е и вонредната состојба, дозволувајќи им на властите да воведат ограничувања до крајот на годината за да ја сузбијат инфекцијата.