Македонија
25. October 2021 - 16:41

Анкета на М-Проспект покажува растечко незадоволство од владините политики, анкета на ИПИС покажува партиска предност на ВМРО-ДПМНЕ

Секој втор граѓанин смета дека државата се движи во лоша насока. Ваква перцепција имаат и близу 25% од поддржувачите на влајдеаката СДСМ. Поради незадоволството од владините политики, речиси 19% од граѓаните изминатата година го промениле и ставот за која политичка партија ќе гласаат. 

Ова го покажува последната анкета која М-Проспект ја направи за сопствени потреби.

Ова води и кон намалена доверба во Владата за 3% во изминатите 6 месеци.

Според анкетата, довербата во Владата од 42% во април, сега изнесува 38,8%.

Висок процент од 46,5% од граѓаните сметаат дека односите со Бугарија се движат во погрешна насока.

Големо мнозинство од речиси 80% очекуваат морална одговорност за пожарот во Тетово во кој загинаа 14 лица.

Поделено по партии, гласачите на СДСМ и ДУИ одговорност очекуваат од директорот на болницата, додека поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЛДП одговорност ичекуваат од Владата и министерот Филипче.

Во одонос на локалните избори, 52% од граѓаните се задоволни од политичка понуда на кандидати, а висок процент од 66% одговориле дека ќе гласаат.

Анкетата на М-Проспект е спроведена телефонски во периодото од 7 до 15 октомври годинава врз 1000 испитаници постари од 18 години.

Помеѓу двата круга од изборите, анкета утрово објави и Институтот за политички истражувања Скопје, која покажува 5% повисок рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ.

На прашањето „За која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори“ – 23 отсто од граѓаните рекле ВМРО-ДПМНЕ. Втора e СДСМ со 17,6 проценти. Потоа следуваат ДУИ со 6,7, Коалицијата АА и Алтернатива со 4,9, Левица со 4 проценти. БЕСА и Коалицијата ЛДП и ДОМ имаат речиси идентичен рејтинг со 1,6, односно 1,7 проценти.

На прашањето „Во кој политичар имате најголема доверба?“ за Мицкоски одговориле 19,3 отсто, за Заев 15,6 проценти. Али Ахмети има рејтинг од 7 отсто, а потоа следуваат Димитар Апасиев и Зијадин Села со 4,2 односно 4 проценти. За Билал Касами одговориле 1,5 отсто, додека за Африм Гаши 1,1 проценти од граѓаните.

Анкетата на ИПИС е спроведена телефонски во периодот од 19 до 22 октомври годинава на реперезентативен примерок од 1102 испитаници од целата држава.