Свет
22. January 2016 - 21:41

Орбан бара ограда на границите на Македонија и Бугарија кон Грција

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска побара на границите на Македонија и Бугарија кон Грција да биде подигната ограда, со што би бил спречен приливот на бегалци кон средна и западна Европа.

- Ако не можеме да ја гарантираме безбедноста на надворешните граници (на ЕУ), независно колку и да чини тоа, тогаш самите ќе придонесеме за уништување на Шенгенскиот договор, изјави Орбан во Брдо кај Крањ.

Унгарскиот премиер денеска престојува во посета на Словенија, каде со неговиот словенечки колега Миро Церар разговараше за проблемите со кои се соочуваат двете земји со бранот бегалци, кои од Турција, преку Грција и балканските земји пристигнуваат до Унгарија и Словенија.

Церар од своја страна нагласи дека на ЕУ и е потребно во следните неколку недели на пронајде заедничко решение за бегалската криза, со цел да се избегнат конфликти меѓу нејзините земји-членки.

- Немаме време до на пролет да бараме решение. Решение ни е потребно во следите неколку недели, изјави Церар на заедничката прес-конференција со Орбан.

Претходно денеска во Софија, баварскиот министер за внатрешни работи Јоахим Херман се заложи за преземање мерки за ограничување на приливот на имигранти, нагласувајќи дека ниту Германија, ниту Баварија не сакаат да ги претворат Македонија и Бугарија во „чекалници за бегалците“. 

Говорејќи на Конференцијата за борбата против тероризмот во Дунавскиот регион, што денеска се одржува во Софија, Херман истакна дека Германија нема капацитети да прими уште милион бегалци во текот на 2016 година, нагласувајќи дека му е јасно оти бегалците не сакаат да останат во Македонија или Бугарија и дека за најголемиот број од нив крајна дестинација е Германија.