Спорт плус
9. February 2022 - 14:55

Извештај за 1во државно кикбокс првенство 2022 за сите возрасти во категории (татами - кик лајт, ринг - лоу кик и к1)

Сакаме да Ве известиме дека на ден 06.02.2022 година (недела) во спортската сала на А1 Националната Арена Борис Трајковски во Скопје голема сала, во организација на Кикбокс Маитаи федерација на Македонија (КМФМ) се одржа 1то Национално кик бокс првенство за 2022 година за сите возрасти во категории (татами кик лајт, ринг лоу кик и К1) .



На првенството учествуваа 246 натпреварувачи од вкупно 27 кикбокс клубови од целата држава.



Натпреварувањата се одвиваа на еден ринг и четири татами борилишта.



Натпреварувањето се одвиваше во одлична спортска атмосфера и одлична организација од страна на КМФМ.



Во склоп на првенството се одржа и подготвителен судиски семинар за судиите на татами и ринг и тренерски семинар.



Допонително, во паузата помеѓу мерењето и почетокот на натпреварите во периодот од 10:00-11:50 во прес центарот на салата се одржа и Редовно собрание на КМФМ за 2020 година.



Реализацијата на овој масовен натпревар беше потпомогната од страна на Агенцијата за млади и спорт на РМ, како и неколку домашни компании од приватниот сектор.



Со своето присуство натпреварот го збогати и претседателот на Олимписки комитет на РСМ господинот Даниел Димески, кој имаше конструктивен разговор со претседателот на КМФМ Митровски за иднината и перспективата на кикбоксот во олимпиското семејство на спортовите.



Најуспешен кикбокс клуб е КБК Шампион од Скопје со освоени 23 златни, 7 сребрени и 9 бронзени медали и истиот воедно е и најмногуброен клуб на натпреварот, за што беше награден со златен пехар, а втор по успех клуб е КБК Гладијатор од Скопје со освоени 14 златни, 12 сребрени и 4 бронзени медали, за што беше награден со сребрен пехар.

Претседателот Митровски им се заблагодарува на техничкиот и организацискиот тим, на судиите на натпреварот и на сите тренери на клубовите учесници за заедничкиот придонес што резултираше со врвно организирано, успешно и масовно првенство. Тој истакна дека „од година во година Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија и покрај кризата со пандемијата е во континуран пораст и зголемување на бројот на натпреварувачи и клубови членки на федерацијата. За среќа, кикбоксот е најатрактивен и најпривлечен за младата популација и е еден од најмасовните и најсакани боречки спортови во државата; што е светла точка за иднината на нашиот спорт и федерација“.