Македонија
23. April 2022 - 11:54

Крушево ги очекува гостите за празниците

Од 2000 до 3000 гости и посетители очекува Крушево за велигденските и за првомајските празници. Ова за историско и туристичко Крушево е како подготовка за сезоната со алтернативни, авантуристички спортови кои носат домашни и странски туристи.

Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски добрата зимска сезона оправдано ги отвора очекувањата за посетители.

-Се опоравуваме од пандемијата, се ослободуваат мерките и очекуваме многу поголема посетеност, иако, продолжената зимска сезона е една од најефектните и за сместувачките капацитети и за угостителството во градот. Очекуваме 2 000 до 3 000 гости и околу 80 насто исполнетост на сместувачките капацитети. Располагаме со околу 1 000 легла, од кои 6 00 во приватниот сектор, вели Хриостоски.

Напоредно градот работи и на проекти за поголема туристичка атрактивност. Во тек е големиот проект за прекугранична соработка со Елбасан од Албанија од преку 700 000 евра.

-Тоа ќе ја зголеми туристичката понуда во градот и оваа посетеност за празниците, Велигденските и првомајските, е најава за сезоната на авантуристичките и адреналински спортови. Ќе имаме првенства во параглајдерство, последните подготовки за светското првенство во змајарство, за жал ќе ги немаме руското и украинското првенство, но очекуваме голема туристичка раздвиженост во наредниот период, објаснува Христоски.

Градот се подготвува за голем меѓународен бизнис саем кој треба да се одржи пред Илинден, на 30 и 31 јули. Сотир Габелоски од локалната самоуправа вели дека веќе е одржана средба со бизнис секторот за подобар настап на саемот што треба да донесе бенефит и за бизнисот и за туризмот.

-Очекуваме учество на компании од земјава и Регионот, да се претстават со понудата и производството, да ги воспостават бизнис релациите, а ние имаме и понуда за инвестирање. Тука е индустриската зона „Опаленик“. Сето е во интерес на поголеми вработувања од една страна и поголема туристичка понуда од друга страна, вели Габелоски.

Крушево ги чека гостите за празниците како подготовка на летната туристичка понуда.