Македонија
28. July 2022 - 10:16

Дождот помага во гаснењето на пожарот во Општина Василево

Дождот што заврна синоќа околу три часот по полноќ помага во гаснењето на пожарот меѓу селата Владевци и Трибичино, во Општина Василево.

Според Александар Гудев, командир на ТППЕ Струмица, пожарот е целосно ставен под контрола, а тим од 30 луѓе од Дирекцијата за заштита и спасување е распореден на теренот.

-Засега нема места каде гори огнот, но бидејќи станува збор за многу тежок и непристапен терен ќе внимаваме во текот на денешниот ден да не дојде до повторно активирање на пожарот, рече Гудев.

Инаку, пожарот на оваа локација избувна на 25 овој месец, а во текот на вчерашниот ден, според информацијата од ЦУК, имало опасност пожарот да го зафати селото Владевци и правецот кон село Трибичино. Но, со правилен распоред на силите кои дејствувале на терен, била воспоставена контрола на пожарот и тој е пренасочен кон сртот на високиот рид.