Балкан
6. February 2016 - 18:05

Турција ги заостри условите за влез на ирачки државјани на нејзина територија

Турција денеска соопшти дека ги заострила условите за влез на ирачки државјани на нејзина територија за подобро да се бори со нелегалната миграција, што Европа го бара со недели наназад, пренесуваат француските медиуми.

Досега ирачките државјани во Турција може да остануваат до 30 дена со само еден печат на патната исправа, што се ставаше  на граница.

Според новите правила, за кои денеска информира турското Министерство за надворешни работи, овој систем веќе не важи. Отсега со упростена процедура во Турција ќе можат да влезат само Ирачаните кои имаат виза или одобрение за престој, издадени од страна на членка на шенген зоната, САД, Велика Британија или Ирска. Останатите ќе треба да поднесуваат апликации за виза.

-Промените се донесени во рамки на решителната борба на нашата земја против нелегалната миграција, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Танжу Билгич.

Не се соопштува од кога овој нов систем ќе влезе во сила.