Македонија
28. October 2022 - 16:33

Османи тврди дека опозицијата манипулира, договорот Фронтекс е прв на македонски јазик

Министерот Османи шокиран и изненаден од ставовите на опозицијата за Фронтекс договорот. Наводите на ВМРО ДПМНЕ дека овој документ е само еден од стотиците кои Македонија ги има потпишано на македонски јазик со Европската Унија, за шефот на дипломатијата се лажни информации и доаѓаат од невоспитани луѓе, кои до вчера ја обвинувале Владата за предавство.

“Никогаш во историјата на оваа држава не сме потпишале договор со Советот на ЕУ кој ја содржи клаузулата за јазикот. Дури и ЕК последен пат јазикот во Извештај го спомнува во 2005 и потоа исчезнува, користејќи државен јазик или јазик кој се употебува во службена комуникација во државата”

Шефот на македонското МНР ги поткрепи своите позиции и со Договорот за стабилизација и асоцијација потпишан во 2001-та година, каде што наместо “македонски”, се користи терминот “официјален јазик”.

Но сега, прави разлика Османи, Фронтекс е првиот документ кој го потпишува Европската Унија, вклучително и Бугарија и Грција, а во кој нашиот јазик се именува како македонски.

ВМРО ДПМНЕ не реагираа на денешниот бриф на Османи. Од партијата стојат на ставот на лидерот Мицкоски кој го поздрави потпишувањето на Фронтекс, но рече дека ова не треба да биде тема за дискусија бидејќи, како што вели, документот е еден од многуте потпишани на македонски јазик.

Договорот за подобро гранично обезбедување Фронтекс има 50 страни. Во него пишува дека е изработен на македонски, покрај наведувањето и на останатите 24 официјални јазици во Унијата, а неговата важност е потврдена со официјалните потписи од македонска, како и од страната на Европската Унија.