Македонија
11. November 2022 - 8:56

Ковачевски повикува на вклученост на сите политички партии во носењето реформи кон ЕУ

Премерот Димитар Ковачевски ги повика сите политички партии да бидат вклучени во носењето на реформите на патот на зачленување во Европската Унија, но уставните измени, кои во моментов се најважниот процес на евроинтегративниот пат, не уживаат поддршка од опозицијата и според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски власта нема 80 пратеници кои ја поддржуваат и рече дека треба да се спроведат предвремени парламентарни избори со цел граѓаните да одлучат за тоа.

Компромис нема, а тоа се покажа и на лидерската средба која беше одржана на почетокот на неделата во Собранието. Средбата заврши без зближување на ставовите. Од една страна власта ја оцени средбата како добар сигнал и посочи дека тоа е само почеток на дијалогот,  но од друга страна опозицијата  констатираше оти ова е задоцнета средба и порача дека консензус и консултации со парламентарни политички партии, се прават пред да се носат одлуки.

Премиерот Ковачевски, вчера по посетата на Клиниката „8-ми Септември“ во Скопје, рече дека расправата за реформите на патот на зачленување во ЕУ треба да биде во рамки на Националниот совет за европски прашања во Собранието.

 

– Собранието и сите политички партии треба да бидат вклучени во носењето на реформите на патот на зачленување во Европската Унија бидејќи тој пат ќе вклучува многу реформи и кажав дека во Собранието треба да има тело, кое што ќе ги расправа сите тие реформи и дека најсоодветно тело за тоа е Националниот совет за европски прашања, кој што е воден од опозицијата,  изјави вчера Ковачевски.

Мицкоски, во гостувањето на Канал 5 синоќа, изјави дека нема 80 пратеници во Собранието кои ги поддржуваат политиките на актуелната Влада и, осврнувајќи се на барањата на власта за уставни измени со кои не се согласува, повика на предвремени парламентарни избори.

 

Тој ја повика власта, доколку сака уставни измени, да се охрабри и да излезе на предвремени парламентарни избори за граѓаните да можат да одлучат, потенцирајќи дека Заев во 2020 година на изборите не излегол со понуда за да менува Устав за влез на Бугарите во него.

Мицкоски нагласи дека ниту тој, ниту опозицијата не е виновна што владата на СДСМ не размислила кога носела политички одлуки без претходно да обезбеди општествен консензус.

По завршувањето на лидерската средба во Собранието на 7 ноември, лидерите излегоа со целосно спротивставени ставови. За разлика од Мицкоски, премиерот ја оцени средбата како позитивен сигнал и рече дека сепак политичките партии коишто се доминантни во државата и коишто ги застапуваат граѓаните во Парламентот можат да седнат на иста маса и да разговараат за клучните проблеми коишто се однесуваат и на граѓаните и на иднината на државата.

– Ќе има нови лидерски средби, апсолутно, ние и честопати сме разговарале со лидерите на политичките партии, јас редовно разговарам со нив, меѓутоа сметам дека овој формат денеска се покажа како добар за да секој може да ги каже своите политички ставови по однос на најважните прашања, потенцираше Ковачевски.

Од друга страна, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ упати критики за власта и рече дека пост фестум консултации се непотребни, фрустираат и, како што нагласи, само за да не бидеме прогласени како коалиција која што, еве е антидржавна, неконструктивна и е спротивна на иднината на државата.

– Морам да кажам дека помалку комично делуваше еден документ кој што беше поделен на крајот од средбата, кој што требаше да бидат некакви си заклучоци кој што го одбивме и воопшто не сакаме ни да го коментираме, бидејќи самото тоа не е европски чекор, еве ви заклучоци да се сложиме и да ги усвоиме овие заклучоци, нагласи Мицкоски.

Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети по лидерската средба во Собранието истакна дека на средбата доминирала отворена и конструктивна дебата, смиреноста и рационалноста и посочи дека на средбата упатил апел да се надминат носталгиите и да се вратиме на рационалност и разумноста, затоа што, како што рече, доколку се отворат прашања кои што припаѓаат на минатото, тешко дека ќе можеме да се определиме за иднината.

В.д. претседател на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, по средбата, исто така даде поддршка за реформите и рече дека АА апсолутно го поддржува процесот и ќе помогне со сите сили. Тој нагласи дека смета оти нема друга алтернатива за државата освен ЕУ и поради тоа уставните промени кои што треба да се случуваат не треба да се гледаат како ризик за државата туку како можност.

Во овој контекст, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, рече оти е оптимист дека до крајот на скринингот ќе бидат завршени уставните измени и истакна дека по првпат во нашата историја, блокадата е во наши раце, а досега била во рацете на соседите.

– Доколку ги направиме уставните измени нема да има блокада, нема да зависи од никој друг понатамошната фаза и веднаш ќе биде свикана втората меѓувладина седница. Доколку не ги завршиме тие задачи, тогаш оставаме простор по завршувањето на скринингот да не можеме да организираме нова меѓувладина седница. Така што мислам дека сите ќе бидат на висина на задачата и доволно свесни да сфатат дека е потребно да се даде поддршка, особено зашто низ годините во минатото имаме правено потешки уставни измени од овие, нагласи Маричиќ.