Македонија
1. December 2022 - 15:03

Град Скопје го раскина договорот со „Слобода превоз“

– Град Скопје попладнево соопшти дека денеска е раскинат договорот со здружението на приватни превозници „Слобода превоз“ поради неисполнување на обврските што произлегуваат од договорот.

-Во случајов, се работи за обврската за континуирано и непрекинато давање на јавната услуга за превоз на патници. За жал, „Слобода Превоз“ повеќе од два дена во континуитет не ја извршуваше оваа договорна обврска со што поради непочитување на договорот истиот е раскинат, информираат од Град Скопје.

Ги повикуваат сите приватни превозници да се пријават на јавниот повик што ќе биде објавен во текот на следната недела.

-Сметаме дека со овој модел, склучување на директни договори за јавен градски превоз со индивидуални превозници ќе придонесе за поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми, додаваат од Град Скопје.

Информираат дека градскиот јавен превоз функционира непрекинато, а ЈСП Скопје во моментов има доволно капацитети да ги задоволи потребите на скопјани.

-Апелираме до „Слобода Превоз“ да ја ревидираат одлуката за блокирање на главниот град, бидејќи на тој начин нема да постигнат разрешување на проблемот, напротив, на овој начин проблемот се продлабочува. Скопјани не се должни да бидат колатерална штета, поради нерационалните барања на „Слобода Превоз“. Со уцени, нема договор, порачаа од Град Скопје.