Македонија
19. July 2023 - 15:37

ОТА: Не е набавен, не се користел, ниту се користи софтверот „Предатор“

Во оваа прилика уште еднаш повторуваме и со сигурност уверуваме дека од страна на Оперативно-техничката агенција (ОТА) не е набавен, не се користел, ниту се користи споменатиот софтвер „Предатор“ и малициозна е намерата да се направи каква било поврзаност на ОТА со настаните во Грција, а особено кога истото е веќе јавно демантирано, се вели во денешното соопштение од ОТА. 

За жал и покрај јавните објави и деманти од страна на ОТА, се посочува во соопштението, продолжува трендот на манипулирање на јавноста со свесно креирање и објавување на невистинити содржини од страна на политички центри на моќ и нивно пласирање во дел од медиумите.

По спроведувањето на реформите во делот на следењето на комуникациите и формирањето на ОТА како самостоен и независен државен орган, потенцираат, основна мисија и цел на ОТА е придонесување кон враќање на изгубената доверба на јавноста кон еден особено чувствителен институционален сегмент.

- Во таа насока ОТА посветено работи на воспоставување на законски, безбеден, ефикасен и контолабилен систем за следење на комуникациите. Со воспоставените механизми на заштита од страна на ОТА, следењето на комуникации без издадена судска наредба во Република Северна Македонија е минато и масовно следење не е и нема да биде возможно. Во насока на заштита на јавниот интерес, апелираме на одговорно постапување од страна на сите чинители, како и на промптно институционално постапување за што веќе е известено Јавното обвинителство, се наведува во соопштението од ОТА.