Македонија
18. јуни 2024 - 16:33

Пеколни горештини - Високите температури ја „вжештија“ Брза Помош

За забрзано дишење, сообраќајни несреќи, колабиран пешак, пациенти со карцином...за 5 минути сведочевме на постојано звонење на линиите во скопската Брза Помош. На овие пеколни горештини сите бараат совети. Лекарите велат дека високите температури се една од причините за зголемување на агресијата и панични напади. А освен на менталното здравје на удар се и пациентите со повеќе болести.

-Линиите звонат постојано, кај некои советуваме кај некои интервенираме. Зголемен е бројот на мозочни и срцеви удари, колапси, сообраќајни несреќи, вели д-р Елена Пиловска од Брза Помош –Скопје.

Само до пладне екипите интервенирале кај 5 колапси и затоа лекарите апелираат сите да ги слушаат нивните препораки.

-Кај хроничните состојби, особено оние кои имаат хипертензија – висок притисок, кои употребуваат диуретици за измокрување да внимаат дополнително да не се намали многу притисокот односн ода се зголеми излачувањето на течности бидејќи потењето на овие температури е зголемено, вели д-р Пиловска.

Од утре скопјани ги очекуваат уште поголеми горештини бидејки овој регион и полошкиот ќе бидат во портокалова фаза а од четврток и целата држава.

-Температурите од четврток ќе бидат од 32 до 40 степени, ќе бидат опфатени сите региони и сегде ќе биде прогласена портокалова фаза од опасност од високи температури, вели Ленче Ризова од УХМР.

 Да не се излегува во периодот кога е најтопло, светла и лесна облека, многу течности...ова се дел од стандардните совети за заштита од летните горештини.