Македонија
21. July 2024 - 16:33

Антикорупциска да се занимава со својата работа, не со таа на своите претходници

Наместо да проверуваат како постапувал претходниот состав, актуелните антикорупционери да се зафатат со работа. Ова е ставот на поранешната антикорупционерка Мирјана Димовска по најавата дека ДКСК јавно ќе го презентира извештајот од работата на своите претходници. Димовска потсетува дека членовите се избрани да се борат со корупцијата, а не да се занимаваат со минатата работа на институцијата.

„Актуелниот состав или било кој, нема надлежност да го оценува начинот на работа, законитост, стил на работа на претходниот состав. Институцијата сама по себе бара повисок степен на самостојност и независност во своето работење и таа одговара пред Собранието на Македонија кое ги избира и именува лицата. Јас само едно можам да кажам, нека земат да си ја работат работата за која се избрани. Имаше обичај во комисијата да се вели, „отворија предмет“, Јас ќе прашам, па што ако отвориле предмет а после 2-3 месеци го затворите и од тоа нема никаква корист.  Би сугерирала повеќе да си ја работат работата за коај се избрани и именувани“, изјави Мирјана Димовска, Поранешен претседател на антикорупциска.

Според Димовска, членовите на ДКСК имаат право на Дипломатски пасош.. Бил предвиден со Законот за патни исправи. Вели, таа не го барала, туку и бил понуден, а го користела исклучиво за службени патувања.

„Од законски аспект не е ништо спорно бидејќи си стои нормата дека можноста постои за избрани и именувани лица. А, членовите на ДКСК, несомнено се тоа. Се работи сепак за функција која бара висок степен на интегритет и начин на однесување кој соодветствува на позицијата во која се наоѓаш. Ако е дипломатски пасош, значи се користи за службени потреби, за приватни не сум го користела“, вели Димовска.

По соопштението на ДКСК со обвинувања за популистичко однесување на претходниците, во име на минатиот состав се огласи екс претседателката Ивановска.. Пишува дека иако немале дипломатски пасоши и службени возила, секогаш пристигнувале навреме. Најдобар показател за нивната работа пак биле оценките на ЕУ.

„Изненадува констатацијата дека одењето пешки, возењето велосипед или користењето јавен превоз е чист популизам. По кој основ или критериум оваа наша навика што ја практикуваме и пред и по мандатот е оценета како популизам?“, пишува Билјана Ивановска на Фејсбук.

Од Антикорупциска вчера преку соопштение информираа дека поседувањето дипломатски пасош не е привилегија, туку право дозволено со закон.