Македонија
23. July 2024 - 16:36

Не се пронајдени избеганите затвореници

Затворениците кои не беа пронајдени при контролата на Управата за извршување на санкции се уште се во бегство. Од полицијата велат дека вчера рано наутро ја добиле пријавата од истражниот затвор, но засега, четворицата осуденици не се пронајдени.

Според информациите на МВР, побегнатите се на возраст од 24 до 50 години. Дека тие не се во затворските ќелии, информираше Управата за санкции по направена контрола на затворот во Шутка. Во разговор со затворската полиција, пак, откриле дека слободата имала цена, а парите завршувале кај директорот на затворот.

Од канцеларијата на народниот правобранител којa ги следи состојбите во затворите тврдат дека корпуцијата е редовна појава..Се плаќало дури и за простор, но и неколкучасовен одмор на душек. Не се изненадени што недостасуваат затвореници, бидејќи и при нивна анализа од почетокот на годинава имало затвореници кои само на хартија биле во своите ќелии.

„Според последниот податок кој го имаме од 25 јануари 2024, од Управата за извршување на санкции нас ни стигна допис дека капацитетот на затворскиот дел во КПУ е 135 луѓе, а 18 биле во бегство. Секогаш било, значи долги години постои тоа дека затворениците си излегуваат. На кој начин излегуваат, бегаат не е во наша надлежност , ние само ги констатираме состојбите“, изјави Соња Трифуновска, Заменик народен правобранител. 

Извештајот од вонредниот надзор кој откри дека осуденици слободно излегувале од затворот, до крајот на неделава ќе биде испратен до јавното обвинителство. Управата за санкции гледа виновник во директорот на затворот, тој пак смета дека и првиот човек на управата треба да одговора бидејќи наместо да ги пријави бегствата, затворениците ги повикувал по телефон.

Од обвинителството за Сител појаснуваат дека државните институции за сите констатирани неправилности имаат обврска да пријават кај истражните органи и штом го добијат извештајот, ќе се анализира дали постојат елементи на сторени кривични дела.