58 амандмани на предложениот ребаланс на буџетот, собраниската расправа почна со критики
Почна собраниската расправа за ребалансот на буџетот. Министерката за финансии при презентацијата на измените кажа дека се обезбедени пари за се што било предвидено со закон, а немало планирано средства, односно пари за вработените, пензионерите, студентите, компаниите, како и за плаќање обврски по основ на камати и заеми.
„Нема да отстапиме од она што е обврска и со ребалансот се обезбедуваат средства да се сервисираат сите обврски. Ваквиот одговрен пристап што го применивме резултира со промени во приходната страна, расходната страна, како и буџетскиот дефицит. Се обидовме и направивме максимални заштеди од се она што немаше динамика на реализација и средствата коишто стоеја неискористени од се она кое е несуштински расход и успеавме, водејќи се од напорите за фискална консолидација, да најдеме заштеди од 20 милијарди денари и да ги употребиме онаму каде што беа потребни“ – Гордана Димитиевска Кочоска, министерка за финансии
Републичкиот јавен обвинител кажа дека основните средства за функционирање на обвинителствата се намалуваат за повеќе од 1 милион евра од првично предвидените за годинава. Според него, со ваквото кратење се доведува во прашање редовната работа на јавните обвинителства.
„Намалување на средства се предлага во речиси сите ставки, вклучувајќи ги и парите предвидени за истражни дејствија, за вештачења и анализи, за одржување на возила потребни за увид. Во целиот регион не постои држава која помалку вложува во обвинителството од нашата“ – Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител
Низа забелешки упати и судско-буџетскиот совет.
„Не се обезбедени средства за исплата на додатоци на плати на вработените во судската власт што е законска обврска. Во претходниот период се обезбедуваа додатоци на плата најчесто во висина од 10%, ова се додатоци само за администрацијата, па необезбедувањето на средствата за додатоци ќе има сериозен негативен ефект кај вработените“ – Силвија Јаневска, судско-буџетски совет
Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Битиќи, критикувајќи го ребалансот рече дека не е предвидено зголемување на платите, на што возврати министерката за финансии.
Со ребалансот државата годинава планира да потроши рекордни 5,8 милијарди евра, или 300 милиони евра повеќе од постојниот буџет. Со него се зголемува и дефицитот на 720 милиони евра.
На доставениот предлог поднесени се 58 амандмани.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар