Македонија
25. July 2024 - 16:44

Прво јавно појавување на Филипче како претседател на СДСМ: Лош старт на новата Влада

30 дена по изборот СДСМ ги консолидираше впечатоците за работењето на новата влада. Новиот претседател, Венко Филипче го одржа првиот брифинг со новинарите. Вели, СДСМ ќе биде вратена на старите патеки и ќе биде остар критичар на владините политики.

Стартот на новата влада го оцени како лош. Упати критики за водењето на надворешната политика велејќи дека исправената кичма на Мицкоски е само за дома, бидејќи на Самитот на НАТО во Вашингтон средби остварил само со бугарскиот државен врв, а за тоа македонската јавност беше информирана од бугарските медиуми. 

Критика упати и за заемот од Унгарија. Се сомнева дека зад тој заем се крие друга позадина.

- Прво е сосем нелогично зошто една држава која нема пари да даде, туку се задолжува од друго место, се задолжува со многу поголема каматна стапка, а нас ни нуди заем со помала каматна стапка. Дали се крие нешто зад тоа? Инститираме Владата што побрзо да го даде Законот за заемот во Собранието, но и да се каже кое е потеклото на парите. Дали можеби зад тоа се крие некоја друга тенденција, дали можеби има идеја од некои компании од Унгарија да се преземаат тука медиуми или компании. И тоа е дел од некаков договор, вели Филипче.

Премиерот му одговори. Вели, Филипче се плаши дека парите ќе бидат искористени за проекти од кои директен бенефит ќе имаат граѓаните, а тоа ќе значи нов голем пораз на опозицијата на претстојните локални избори. 

- Тие ќе доживеат нов изборен дебакл па ќе треба нов претседател да бираат, на нов Конгрес. И сега, логично е дека овој нов избран претседател во јавноста ќе се бори да тоа не се случи, па ќе измислува дека со овие пари ќе биле купувани фирми, медиуми или што ти уште не. Ама нема потреба. Тие однесоа повеќе од 3-4 вакви кредити, имаат испокрадено од македонската економија. Само тие пари што ги имаат испокрадено да ги вратат назад во македонската економија не ни требаат вакви кредити, вели Мицкоски.

Филипче призна грешка со носењето на последните измени од Кривичниот законик за кои имаше бурни реакции и од експертите и од јавноста. Од времето кога со Министерството за правда раководеше професорката Рената Десковска се правел комплетно нов Кривичен Законик кој тој ќе го достави на власта и побара да биде ставен на јавна расправа.

- Тој нов КЗ е направен целосно во координација со меѓународните институции по теркот, по примерот на КЗ во Германија. И сметам дека што поскоро да биде на јавна расправа, да го разгледаат експерти, да го кажат своето мислење, да се вклучи стручната фела и заедно со консензус да донесеме еден ваков нов, како што доликува КЗ. Не е доволно да кажеме дека сме згрешиле што сме донеле таков закон. Еве одиме чекор понатаму, таа грешка да ја исправиме на овој начин.

- Каде беше овој закон пред да се донесе постојниот Кривичен Законик?

- Во Министерството за правда...

- Зошто тогаш не го предложивте?

- Не би знаел, вели Филипче.

Мицкоски вели, нов закон ќе биде донесен, но ќе биде согласно европските закони. Вели, предлогот на Филипче не го видел и не знае што има во него.

- Што правиме со оние дела што застареа и вие граѓаните плаќате отштета зашто застареа? Ќе вратат ли од украдените пари што ги крадеа изминатите 7 години? Сега тие си седнале во партија си направиле закон. Прво, си направивме закон – рековме: Ајде со овој закон ќе амнестираме поединци, ќе ги носиме од лево од десно, за додека бев јас во опозиција да му правиме штета на ВМРО-ДПМНЕ. Не им успеа. Ете дел, се спасија. Тие дел што предметите им беа застарени, тужеа и добија народни пари. И сега сето тоа е завршено, не важи, жал ни е, потрошивме милиони ваши пари, жал ни е за тоа. Е сега ќе правиме некој нов закон, ќе си седнеме и ајде да го усвоиме. Никој жив не знае што има во тој закон, вели Мицкоски. 

Првиот човек на СДСМ конечно одговори и на обвинувањата за поседување луксузен џип и хациенда на водно од 400 метри квадратни станбена површина.

- Не можам да објаснувам за потекло на пари за нешто што немам. Јас немам ниту хациенда, ниту имам луксузно возило. Тие не се мои куќи, тоа сакам да кажам.

- Чии се?

- Тие се на таткото на мојата сопруга. Јас таму, ако верувате, не сум бил. Јас не знам каде се наоѓаат точно. Знам дека се во Нерези. Така што, јас со тој имот немам никаква врска, вели Филипче.

Пред СДСМ претстои организирање на Конгрес некаде пред крајот на годината на кој ќе биде избрано комплетно ново раководство. Филипче тврди дека во партијата веќе нема поделба, а најголемиот проблем бил немањето комуникација.