Избори за член во Судскиот Совет, ќе се гласа за еден кандидат
Судијката од Кривичен која го водеше предметот за масовното прислушување ќе стане член на Судски совет. Џенета Бегтовиќ била единствениот пријавен кандидат кој треба да седне на местото определено за немнозинските заедници под 20 отсто кои живеат во државата. Иако ќе биде сама на гласачкото ливче, на почеток на идниот месец ќе се одржи избор кој зад параванот ќе ги однесе судиите од цела држав.. Бегтовиќ во моментов го суди предметот за измами со спортски ваучери во кој обвинети се поранешни директори на Агенцијата за млади и спорт.. Со нејзиниот избор за член во советот, судењето ќе почне од почеток.
„Ова е место на колегата Сашко Георгиев кому на 11 септември му истекува мандатот, сепак судиите имаат интерес и се пријавуваат што значи дека Судскиот совет за разлика од некој претходен период кога не беше пополнет, веќе работи со полна пареа“, изјави Весна Дамева, Претседател на Судски совет.
Членовите на судски се пожалија дека ребалансот на буџетот кај нив создал главоболки. Цело лето седеле без клима во канцелариите бидејќи се расипал централниот компресор, фалеле компјутери и принтери а немале ниту скенер. Тоа требало да се покрие со пари од делот за капитални инвестиции, но сега им биле скратени 20 милиони денари.. Пари немало ниту за видео емитување на седниците, со што се загрозувала и транспарентноста на советот.
„Дополнителни средства за да обезбедиме снимање на јавните седници, лично мој став е дека во овој момент, со тие потреби што ги имаме за непречено одвивање на работата, најмалку ни треба за тоа да одвојуваме средства. Затоа што не сум едниствен член во СС што нема компјутер за работа“, изјави Тања Чачарова-Илиевска, Член на Судски совет.
„Еден од начините преку кои СС ја одржува транспарентноста е и ова, преку снимање на нашите седници. И Јас мислам дека за сите нас значи судот и оценката на јавноста за нашата работа“, изјави Ивица Николовски, Член на Судски совет.
Членовите на судски се договорија дека приоритет е поправка на системот за ладење, а близу 500 илјади денари одобрија и за пренос на седниците.. Сметаат дека со кратењето на буџетот загрозена е независноста и самостојноста на судството.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар