Македонија
6. August 2024 - 16:46

Фекалии течат среде улица во ,,Нерези''

Фекалии кои течат среде улица, непријатна миризба, вода – вака изгледа секојдневието на жители од скопската населба Нерези. Се жалат дека неколку недели затната е одводната мрежа, па иако удолница, отпадните води наместо низ цевките излегуваат од шахтите.

Дел се слева и во нивните дворови. 

„Ова веќе не го бива, смрди корне. Фекалии течат од шахта. Со извинување, да не се изразам, од голема нужда течеа“, вели Петра Шаркоска.

„Имам две внучиња, не смеам во дворот да ги изнесам. Мириса. Срамота е. Ќе се заразиме, со деца мали сме“, вели Петкана Белкоќеска.

„Да не можеш прозор да отвориш ноќе, смрди на канализација. Каде го има ова?, вели Руса Ќирковиќ.

Побарале помош од Водовод и Канализација, но нивната интервенција не го решила проблемот.. Се сомневаат одводот е запушен по поројните дождови и градежните работи за асфалтирање на улицата.

„Претпоставката е дека после тампонирањето се случи силен дожд и најверојатно песокот навлезе во канализацијата“, вели Игор Митревски. 

„Дали некоја шахта се запуши или затвори, тоа не знаеме. Важно, ние пливаме во фекалии“, вели Шаркоска. 

Од Водовод велат канализацијата од улицата Козле 3 не била во нивниот систем и немале обврска да ја одржуваат. Сепак, излегле на терен а во шахтите пронашле песок и камења.. Ја информирале општината дека таа треба да ги исчисти запушените шахти.

 Екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, по интервенцијата и извршениот увид ги известуваат комуналните служби на Општината, ги запознаваат со затекнатата ситуација и нивната обврска за пристап кон чистење на песокот од шахтите.