Македонија
8. August 2024 - 16:38

23 години од Карпалак

Досега воопшто никој не направи ништо за расветлување на терористичкиот чин на „Карпалак“ каде загинаа 10 мина наши сограѓани и пријатели, токму затоа повеќе и не се надеваме дека ќе се открие како се случи тој немил настан. Ова е ставот на учесниците на Карпалак кои денеска во Прилеп на одбележувањето на 23 годишнината од овој настан рекоа дека нема да запрат со барањата дас е изгради споменик на патот Скопје-Тетово.

„Барем да знаеме кои се тие кои пукаа на нашите браќа, ама тоа не е досега решено и се откажуваме и повеќе не бараме. Должни се инстиуциите да си го решат тој проблем, наше е само да дознаеме кој беа тие. Тоа ни е доволно. А дека ќе има некој разврска не верувам. За споменик уште бараме и ќе бараме. Еве нова влада се формира, нека се изгласа буџетот, ќе се собериме и ќе бараме“, изјави Роберт Камчески, заменик претседател на здружение „Карпалак“.

Почит пред споменикот на Карпалак оддадоа и семејствата на загинатите како високи делегации на Владата, АРМ и Општината. Беше порачано дека нивното херојско дело никкогаш нема да биде заборавено, но и тоа дека во иднина ќе се работи на тоа конфклити од ваков вид никогаш да не се повторат.

„Секоја година даваме завет дека ќе го чуваме нивниот спомен,  дека ќе  ја чуваме оваа наша земја македонска и дека нема да дозволиме повеќе да има човечки жртви,  понижувања и војни,  туку разбирање, почитување и решавање на конфликите преку дијалог“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

„Токму овие херои и нивната жртва не потсетуваат дека секогаш треба да останеме мудри во донесувањето одлуки за иднината, за никој повторно да не доживее слична судбина. Како што хероите на Карпалак застанаа во одбрана на вредностите и принципите кои не дефинираат како нација, денес сме должни со иста таква посветеност, решителност и мудрост да се соочиме со предизвиците кои ги носи иднината“, истакна Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи.

Беше најавено и тоа дека Владата ќе продолжела да работи со целосна посветеност и поддршката на бранителите и нивните семејства.