Македонија
10. August 2024 - 16:43

Можно ли е конечно политичарите да се договорат за прочистување на коруптивните функционери?

ВМРО-ДПМНЕ против интервенции во Уставот за спроведување ветинг. Партијата смета дека и со постојните закони може да се спроведе прочистување и борба против корупцијата.

-Нашиот став е дека со постојните законски регулативи и со мечирање на базата на податоците може да се бори против корупцијата. Она што досега недостасуваше е политичката волја за расчистување на овие случаи за испитување и одговорност на криминалите, можат и треба да се плашат сите оние кои се огрешиле кон Законот, а треба да знаат дека ќе има правда. Наскоро ќе се започне и со расветлување на сите случаи за сите видови на корупција, вели пратеникот Бојан Стојаноски.

Предлогот за измени во Уставот дојде откако ДУИ побара спроведување ветинг со меѓународен мониторинг. Најголемите политички партии практично гледаат различно на процесот за прочистување за кој слушаме од 2019 година, но тоа останува само на изјави, обично пред изборни циклуси. СДСМ од позиција на власт пред 5 години најави целосен и темелен ветинг по примерот на Албанија. Но од тоа не бидна ништо бидејќи немаше консензус меѓу политичарите.

Експертите велат дека државата и сега има механизми да спроведе еден вид ветинг доколку за тоа политичка волја. Поранешната судијка Маргарита Цаца Николовска вели, само се зборува, а ништо не се презема.

-Очигледно дека политичарите прават се за да овој ветинг, ова прочистување не започне и добие крај. Ние имавме Комисија против корупција, за конфликт на интереси кадешто се укажуваше. Ние имаме можност да лицата коишто ги давале своите податоци за имотната состојба да се утврдува од каде, што е и како е. Меѓутоа, едноставно, само се зборува, а ништо не се презема, вели Цаца Николовска.

Според Николовска, од идеите на политичките партии произлегуваат различни пристапи за евентуално прочистување. Вели, еден пристап е делата да не можат да застарат, сосема друг е да се испитува потеклото на имотот и различно е да се бара помош од меѓународната заедница. Појаснува дека веќе имаме искуство да бидеме мониторирани од надвор, но ваков процес е важно да го спроведеме сами.

-Прво мислам дека треба ние самите да најдеме сила тоа прочистување и тоа утврдување на одговорност да го утврдиме и да го санкционираме таму кадешто треба. Меѓународен елемент, да, заради тоа што постои многу големо.... едноставно се нема верба ниту институциите ниту во нивните постапки. И можеби присуство, но не целосно, присуство на меѓународен елемент за да се зацврсти идејата дека едно прочистување треба да има, да се зацврсти идејата дека корупцијата треба да се санкционира, вели Цаца Николовска.

Идејата за ветинг политичарите ја чуваат во фиока за која стана пракса да се вади пред избори. ДУИ, партија за која не беше прифатлив го отвори ова прашање сега кога после 18 години влезе во опозиција.