Втора шанса за нова компресорска станица – Дали хируршките сали нормално ќе профункционираат до Нова Година?
Еден месец по неуспешниот тендер за набавка на нова станица за компримиран воздух за хируршкиот блок на Клинички, министерството за здравство денеска ќе распише нов јавен повик. Наместо преку Заеднички служби постапката сега ќе оди преку мз, а вредноста останува иста околу половина милион евра. Ова дополнително може да го пролонгира првичниот рок до Нова година салите да почнат нормално да функционираат, бидејќи сега се користат надвореши компресори, операциите се редуцирани, а листите постојано се зголемуваат. Таравари се надева дека сега ќе има заинтересирани фирми и уверува дека еден од условите во тендерот ќе бидат пократки рокови за поставување на новиот систем.
-Се надевам и ќе инсистираме што поскоро во интерес на колегите и пациентите пред се и над се компресорската станица и целиот систем да бидат ставени во функција, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Хаваријата во хируршкиот блок настана во мај, кога операционите сали извесен период беа затворени поради непријатна миризба. Во јавноста излегоа информации дека причина за смрдеата е опасниот формалдехид во доводот кој не е во употреба, но дополнителните мерења не покажаа присуство на ова хемиско соединение над дозволеното во салите. Од ТОАРИЛУЦ информираа дека се преземени дополнителни превентивни мерки, вклучувајќи почести и ненајавени мерења на квалитетот на воздухот во хируршкиот блок за поголема безбедност и на персоналот и на пациентите.
Дали има елементи на кривично дело испитува и обвнителството, а предметот е во предистражна постапка.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар