JО: Палчо да одговара за две свирепи убиства и две киднапирања
Две свирепи убиства и две киданпирања, меѓу кои и едно на малолетник. Повеќе од осум месеци по убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски обвинителството го склопи обвинението за прво осомничениот Љупчо Палевски Палчо. За секое од двете убиства му се заканува доживотен затвор а за киднапирањето казна меѓу 4 и 10 години.
На крајот од мај обвинителството поднесе обвинение за истите дела и против останатите четворица соучесници на Палевски, а сега бара постапката против нив да се спои со оваа за Палчо во еден судски процес.
„Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано “Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри.
На 27.11.2023, обвинетите, помогнати од обвинет родител, извршиле грабнување на девојчето во влезот од зграда на улицата “Наум Наумовски Борче” во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото викано “Дупки”, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице – се вели во соопштението на обвинителството.
Оттаму бараат Палевски да остане во притвор каде што се и тројца од останатите соучесници имајќи предвид дека таткото на Вања Ѓорчевска судскиот епилог го чека од домашен притвор.
Веста за исчезнувањето на Вања Ѓорчевска ја вознемири јавноста на крајот од ноември минатата година. Неколку дена подоцна полицијата приведе повеќе осомничени но Палевски побегна во Турција. За кратко беше уапсен од турските власти и екстрадиран во Македонија.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар