Измени на Закон за урбанизам по скратена постапка – невладините се противат
Олеснување на процедурите за градење објекти во интерес на граѓаните или дополнителен хаос во урбанизмот. Законските измени за урбанистичко планирање за кои Министерстото за транспорт бара да поминат по скратена постапка завршија на Комисија во Собранието.
Според Транспорт, законските измени ќе ги одглават 600-те урбанистички планови кои се заглавени во процедура. Министерот Николоски вели дека со измените ќе намали просторот за манипулации со ДУП-овите, особено кај досегашното правило дека ако Министерството не даде мислење за одреден ДУП во рок од 20 дена, тоа практично е одобрување на Планот.
-Во моментов преку 600 планови се заглавени. Не се ниту напред, ниту назад. Ниту јас како Министер можам да ги прифатам, ниту можам да ги одбијам. Ниту Министерството може да даде позитивно мислење, ниту може да даде негативно мислење. Јас сум свесен дека намерата била добра, но мора ова да го затвориме правно. Што не значи, и тука сакам да бидам директен. Ова е мој политички став, и сакам да ме држите за збор за оваа работа, што не значи дека овие планови ќе се донесат зашто план може да се донесе или да не се донесе, вели министерот Николоски.
За невладините целата процедура на носење на измените е спорна. Велат дека е подобро да се направат поголеми промени земајќи ги предвид последните податоци и од пописот и од влијанието на климатските промени, отколку по нивното носење да се бара начин за исправка на грешките.
-Би сакала уште еднаш да ве замолам да не одиме со скратена постапка. Да се тргне од овие измени и да направиме измени на Законот коишто ќе бидат поквалитетни, со посеопфатна јавна расправа и еве вие ќе имате помалку работа во однос на промени на Закони, вели Невена Георгиевска од О2 Иницијатива.
Министерот Николоски вели дека измените ќе ги скратат процедурите за градба на објекти од јавен интерес, како училишта, градинки, болници, амбуланти и катни гаражи. Појаснува дека ова ќе важи само за објектите кои се во целосна сопственост на државата или општината.
Но за невладините е спорно што во предлог-измените се споменати само катните гаражи. Се сомневаат дека токму ваквата измена ќе доведе до дополнителен урбанистички хаос кој воопшто нема да придонесе во решавање на проблемот со недостаток на паркинг.
-Катните гаражи би се изведувале на која површина? Најверојатно на јавна површина. Значи, конкретно на зеленило. Голем револт има кај населението во предложени урбанистички планови кога ќе се види дека на одредем јавен простор е поставена катна гаража. Значи, вие го гледате проблемот на луѓето кои имаат коли и сакаат да паркираат, меѓутоа, како што рековте, паркирањето на тротоарите се решава со казни. Имаме многу катни гаражи во Центарот кои се буквално празни, а луѓето паркираат по тротоари, вели Георгиевска.
Измените предложени од Николоски добија поддршка од ЗЕЛС. Оттаму велат дека најголем дел од општините не можат да градат јавни објекти кои би обезбедиле поквалитетен живот.
-Причината е што најчесто во реоните каде што има потреба од вакви објекти не се донесени детални урбанистички планови или треба да се направат измени на постојните. Донесувањето на вакви детални планови бараат одвојување на многу големи финансиски средства, (што најголем број од општините ги немаат доволно), но истовремено и што нивното донесување се одвива во еден долг временски период, од најмалку четири, пет до десет години. Предложените законски измени ќе им дадат можност на општините да ги исполнат барањата на своите граѓани и истовремено ќе ја зголемат одговорноста на општинските совети, кои требаа претходно да дадат „зелено светло“ при одобрувањето на изградбата на секој ваков објект од јавен интерес, велат од ЗЕЛС.
Николоски предлага и со нови специјални закони државата да се обиде да стави ред во урбанистичкиот хаос во Карпош и Центар по примерот на Охрид.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар