Македонија
18. August 2024 - 17:30

32 години од формирање на АРМ - централната манифестација се одржа во Охрид

Армијата го одбележа својот 32. роденден. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на централната свеченост по повод 18 Август, Денот на Армијата, во своето обраќање оддаде признание на припадниците на Армијата за нивното дисциплинирано, совесно и одговорно извршување на воените должности, преку учество во бројни мировни мисии, а ја истакна и посветеноста на Армијата во поддршката на институциите во справувањето со елементарните непогоди и со кризните состојби, како што се пожарите на територијата на целата држава, секогаш правејќи го тоа професионално и пожртвувано.

Министерот за одбрана Мисајловски пак, подвлече дека заложбата на оваа Влада е да има буџет за одбрана кој ќе одговори за сите побарување и кој ќе надмине 2 проценти. Остануваме посветени, вели тој, во исполнување на ветувањата, во надградба и проширување на капацитетите на Армијата.

На централната свеченост беше извршено примопредавање на должноста началник на Генералштабот на Армијата од досегашниот началник, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски на новиот началник на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчински.

Новоназначениот 12-ти по ред началник на Генералштабот на Армијата, Лафчински, веднаш по стапувањето на функцијата, рече дека му е укажана голема чест да ја предводи институцијата што е синоним за вредности и принципи, но и уште поголема е одговорноста.