Љубомир Фрчковски си поднесе оставка од амбасадорското место во ОН
Љубомир Фрчковски си поднесе оставка од амбасадорското место во Обединетите Нации во Њујорк. Ваквата негова одлука доаѓа откако беше повикан на разговори дома, поради наводни финансиски нерегуларности во работењето.
Оставката е стигната кај претседателката, потврдија од нејзиниот Кабинет за Сител. Законот налага дека Силјановска Давкова има рок од 30 дена да одлучи дали ќе го отповика амбасадорот од функцијата.
За оставката на Фрчковски е известено и македонското МНР. Тој е еден од четворицата амбасадори кои беа повикани на консултации кај Муцунски, ама е единствениот кој не се сретнал со шефот на македонската дипломатија, оти кога бил повикан дома на разговори, тој си извадил боледување.
Со реакција на темата се огласи и премиерот.
Поранешниот министер за внатрешни и за надворешни работи, Фрчковски на амбасадорската позиција во Њујорк беше назначен во 2022 година. Указот за неговото назначување го потпиша тогашниот шеф на државата Стево Пендаровски.
Во меѓувреме, Муцунски кој смета дека дипломатијата ни е во многу лоша состојба, во тема на Денот обелодени дека постојат сериозни индиции дека се злоупотребуваат десетици илјади евра, најмалку уште во две дипломатско-конзуларни претставништва.
Целосно е решено прашањето со нашиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски за пописот. Си останува на функцијата, додека не му заврши мандатот уште неколку месеци.
Стручни служби одлучуваат и за професионалната кариера на амбасадорот Мемеди. Домашните експерти истражуваат дали амбасадорот во Рим ги прекршил правилата кога испратил допис до италијанските власти дека не важат пасошите со старото уставно име, во време на пасошка криза.
На консултации кај Муцунски беше повикан и нашиот амбасадор во Букурешт. За Жерновски, шефот на дипломатијата соопшти дека постојат индиции за формално-правниот аспект за неговото стапување на функцијата. Отпочната е внатрешна процедура за утврдување на одговорност.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар