Македонија
23. August 2024 - 16:39

Катастар го враќа стариот тарифник за упис на станови

Катастарот го враќа стариот тарифник. Уписот на стан и сите придружни елементи, како квадратура, земјиште, заеднички простории, гаражи ќе се вршат одеднаш и тоа ќе чини 1.250 денари, колку што беше и пред февруари кога Агенцијата одлучи да ги поскапи своите услуги.

Целата процедура за враќање на тарифникот ќе трае 15 дена бидејќи прво ќе мора да добие одобрение од Владата. Во последните седум месеци граѓаните оваа услуга ги чинеше најмалку 3.750 денари доколку не купиле гаража. Но раководството не знае колку Катастарот заработил благодарение на тоа покачување на цените.

-Немаме детална анализа колку пари се инаксирани од граѓаните во меѓувреме, кои можеби не требало да бидат инкасирани. Меѓутоа имаме некоја проекција дека на годишно ниво очекуваме некаде помеѓу 700 илјади и 1 милион евра ќе останат како пари на граѓаните, вели директорот на Катастар, Иван Живковски.

Повеќе од 5.000 предмети се чувале во фиоките на Катастарот. Директорот обвини дека поради недомаќинско работење, граѓаните не добивале навремена услуга.

-Таа бројка некаде достигнуваше некаде околу 5.500 предмети на ниво на Република Македонија. За 40-тина дена успеавме таа бројка да ја намалиме на некаде, во моментов, такви 2 – 2.200 предмети. И очекуваме дека до крајот на овој месец сите тие такви предмети по коишто долго време не било постапувани, ќе бидат завршани и граѓаните ќе добиваат побрза и поефикасна услуга, вели Живковски.

Оправдување на старото раководство на Катастар за поскапување на цените во февруари беа зголемените торшоци за струја, гориво, лиценци за софтвери и зголемувањето на платите. Тогаш измена се направи и во тарифникот за геодетски услуги, кое беше на нивно барање бидејќи цените не биле променети цели 10 години.