Македонија
23. August 2024 - 16:41

Власта и опозицијата повторно се обвинуваат - Кој е виновен за бегството на Рамадани

СДСМ тврди дека бегството на Рамадани лично го организирал началникот на северната граница со Косово Наим Рамука. Партијата вели дека има докази доставени од свиркачи. Бараат итна оставка од министерот Тошковски, МВР да ги објави снимките од граничниот премин, а истражните органи да го испитаат бегството на Рамадани и вмешаноста на институциите.

Наим Рамука со возило Рено, го земал Блерим Рамадани од живеалиштето каде бил во куќен притвор. Од таму се упатиле кон границата со Косово кај Блаце и во 18 часот и 40 минути, по лентата за товарен сообраќај, ја поминале границата без никаква контрола. Потоа, вечерта на 10.8, на ист начин, без контрола Рамука и Рамадани ја поминуваат назад границата кон Македонија и Рамадани се враќа во живеалиштето каде требало да биде во куќен притвор. Одиме понатаму. На 14.08, четири дена подоцна, односно на денот кога Рамадани официјално ја напушта државата, преку границата го носи друго лице.За транспорт, овој пат со возило марка Фолксваген Пасат и скопски регистарски таблички, е задолжено лице вработено во општина Чаир како раководител. Неговиот идентитет нема да го откриеме и ќе почекаме тоа да го направи ОЈО, вели Митко Трајчуловски од СДСМ.

За владејачката партија единствен виновник за бегството на Рамадани останува судијата Пајазити кој наместо ефективен, му одреди куќен притвор. Премиерот Мицкоски вели дека опозицијата шири лажни информации и ги повика обвинителите што поскоро да го расчистат бегството.

Реагираше и ДУИ. Од партијата на Ахмети ги повикуваат истражните органи итно да ги повикаат на распит Меџити и Таравари кои според нив јавно преку социјалните мрежи се пофалиле дека помогнале во бегството на Рамадани.

Една недела по бегството, вчера Врховниот суд го укина решението на Кривичниот суд кој утврди дека не се исполнети законските претпоставки за негова екстрадиција. При повторното донесување на одлука Киривичен ќе треба да води сметка и за Европската конвенција за екстрадиција.