Бизнис
25. August 2024 - 16:40

Може ли да се регулира пазарот на криптовалути?

Брза заработка со неколку клика дневно, но без јасни правила на игра – вака отприлика изгледа трговијата со криптовалути во Македонија. Тоа се виртуелни пари кои во реалноста немаат облик ни како банконта, ни како монета. Криптовалутите можат да се купат или да се „копаат“ преку решавање сложени равенки.

Пазарот во земјава официјално не е регулиран. Директорот на Европската фискална конфедерација објаснува дека целосната регулација во оваа сфера е пред се за заштита на потрошувачите.

Постојат криптоменувачници каде може да се може да се разменат криптовалутите за денари или евра. Тие се легални, но немаат лиценца. Нивната работа е само делумно регулирана преку Законот за спречување на перењето пари и на финансирањето тероризам донесен пред 2 години.

Со него донекаде се регулира поседувањето и користењето криптовалути под назив „виртуелни средства“.

Тоа се трансакции кои се одвиваат надвор од тие легални текови, како што рековте, во сива зона. Многу е тешко да се направи проценка. Индикатори за тоа се соопштенијата на Народната банка на Македонија и на МВР кои упатуваат на тоа дека има елементи на тие трансакции кои не се целосно согласно нашата законска регулатива. Тие можеби не се илегални како такви, меѓутоа не се целосно во согласност со нашите прописи. Постои еден елемент на ризик кој се злоупотебува од тие криптоменувачници и се во фунцкија на некоја финансиска активност која е релевантна. Меѓутоа, тешко е да се каже како тоа би се развивало доколку не постои законска банка во која Народна банка ќе може тоа да го регулира“ – Александар Ивановски, поранешен инспектор во УЈП и директор на Европската фискална конфедерација

Народната банка нема надлежност за регулирање, лиценцирање и надзор на давателите на услугите поврзани со виртуелните средства.

Управата за финансиско разузнавање е задолжена да води регистар на вакви субјекти.

Оданочувањето, односно остварената капитална добивка од продажба на криптовалутите e уреденo со Законот за данок на личен доход.

Доколку имате капитална добивка таа треба да се евидентира и пријави во УЈП. Би требало да им се даде некој тип на можност на УЈП, на даночните инспектори да можат да вршат увид во тој тип на активности, иако во овој момент тоа е многу тешко бидејќи нема механизми за поддршка доколку граѓаните влезат во некој тип на инвестиција во такви валути, државата нема механизам, управата за јавни приходи нема механизам тоа да го следи и да бара информации“ – Александар Ивановски, поранешен инспектор во УЈП и директор на Европската фискална конфедерација

Вчера премиерот Мицкоски кажа дека сериозно се работи за развој и регулација на крипто пазарот.

Ќе излеземе и со законска регулатива со која што сето ова ќе биде регулирано, ќе значи повеќе пари, приливи во буџетот, кои што ќе можеме да ги користиме за капитални проекти“ – Христијан Мицкоски, премиер

Во предизборната програма владејачката партија ветува дека ќе ги дефинира овие валути и ќе им овозможи на банките да продаваат и чуваат крипто-средства на приватни физички лица, но и нула ДДВ за тргување со нив.

Регулацијата е многу важна и за поздравување се идеите на Владата да тој пазар го регулира согласно практиките на Европската Унија“ – Александар Ивановски, поранешен инспектор во УЈП и директор на Европската фискална конфедерација

Копањето на криптовалутите оди преку компјутерски уреди. За тоа е потребна соодветна опрема, моќни процесори и напредни графички карти со што се повеќе се троши струја.

На пример, истражување направено од научници во Кембриџ, покажа дека ископувањето биткоини троши 121 терават-часови струја годишно, а тоа е количнина доволна за дури 700 години работа на универзитетот.

Големото трошење на струја прави товар на системот за пренос, а дефектите на електродистрибутивната мрежа најчесто ги откриваат копачите кои се приклучени на диво и крадат струја.