Македонија
26. August 2024 - 16:34

Случајот „Блерим Рамадани“ под лупа на Судски совет

Папката со документи за случајот „Блерим Рамадани“ е во раце на судскиот совет. Три члената комисија веќе проверува според кои закони судијата Пајазит Пајазити му одредил домашен притвор на поранешниот припадник на УЧК, осомничен за воени злосторства во Србија. Се анализира и зошто е одбиено барањето да биде предаден на српските власти.

„Таа комисија, ве уверувам дека интензивно работи, но има процедура, законски предвидена, има рокови, но, и покрај тие рокови верувајте дека нема да се чекаат тие рокови. Час поскоро комисијата ќе излезе со извештај. Веднаш штом ја констатира фактичката состојба, а напоменувам, се работи интензивно, веднаш ќе биде ставен на седница тој извештај“, изјави Весна Дамева, Претседателка на Судски совет.

Од Судски не прецизираат дали на средбата во Влада го убедувале премиерот Мицкоски да се откаже од идејата за распуштање на советот. Според Дамева, во овој период биле фокусирани на спроведување на препораките од оценската мисија.

„Ние бевме должни да предочиме каква е реалната состојба во судството, кои се активностите кои советот изминатите неколку месеци интензивно ги спроведува. Укажавме на напредокот кој што го има Судскиот совет во насока на тие препораки, час поскоро да бидат имплементирани, затоа што тие препораки доколку се спроведат зависи враќањето на довербата во судството“, вели Дамева.

Во меѓувреме, денешната седница за момент постети на состојбите во Судски пред да влезе оценската мисија на ЕУ. Дел од членовите на советот се налутија што претседателката рече дека нема да поддржи продолжување на договорот со фирмата која спроведува психолошки тест за судиите. Нивната реакција ја премислија Дамева, па и таа гласаше за продолжување на договоорот.

Тим од ЕУ влезе во Судски минатото лето откако беше разрешена претседателката на советот.