Ѓорѓиевски ја нарече Арсовска „конфликтоман“ и побара да си поднесе оставка
Првиот човек на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски побара неотповиклива оставка од Арсовска. Според него, проблеми имало во сите јавни претпријатија, а единствен виновник гледа во градоначалничката.
„За Скопје спас во моментов е доколку Арсовска си поднесе неотповиклива оставка. Арсовска нема поддршка ни од нејзините соработници, директорите на јавните претпријатија ги менува по неколкумина на шест месеци. Знаеме дека станува збор за една личност којашто е конфликтоман по природа и не сака да придонесе за развојот на градот. Верувам дека ќе продолжи голготата, за жал, и единствен излез е Арсовска да си поднесе оставка и да се оди со нови избори за Град Скопје, затоа што проблемите се далекусежни, последиците се далекусежни“ – Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода
Ѓорѓиевски тврди дека скопските градоначалници не отстапуваат од идејата да се одземат ингеренциите кои Град Скопје ги има врз „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, опремата и вработените да се поделат меѓу општините по бројот на жители и тие сами да си чистат и уредуваат.
По укажувањето од министерот за локална самоуправа, Златко Перински, дека не може да се оди директно со одземање на ингеренциите, Ѓорѓиевски најави дека е можно скопските градоначалници да бидат иницијатори за измена на потребните закони.
Перински, пак, рече дека е подготвен да поддржи какви било законски измени.
„Јас би поддржал какви било законски измени на кој било закон, само да се реши ова лудило. Ние бараме инстант решение бидејќи надвор има 40 степени, а Скопје тоне во смет: загрозување на животот и безбедноста на граѓаните и непостапување согласно законски утврдени надлежности. И да земеме ова да го решаваме по укажување од страна на градоначалниците верувајте треба време“ – Златко Перински, министер за локална самоуправа
Арсовска во неколку наврати рече дека нема да поднесе оставка оти не погрешила ништо, а вината за блокадата на градот ја лоцираше во советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
И додека траат меѓусебните обвинувања, летниот распуст завршува, учебната година почнува за два дена, а решение за јавниот превоз нема. Со зимскиот возен ред кој почнува од понеделник ќе недостигаат најмалку 100 автобуси. Најавениот сервис на триесетина возила нема да го реши проблемот. На вчерашната седница советниците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа ниту за набавка на нови автобуси, ниту за воведување на БРТ системот.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар