Македонија
4. September 2024 - 16:37

На Палевски и соизвршителите ќе им се суди заедно, одлучи Судот - Денешното рочиште е одложено

Обвинетите за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска седнаа во обвинителна клупа, но првообвинетиот за двете убиства Љупчо Палевски, не беше спроведен во Кривичниот суд. Наместо судење, имаше спојување на предметите.

По барање на Обвинителството, Кривичниот суд денеска ги спои двете обвиненија за првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо и другите обвинети Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишов и таткото на Вања и на сите ќе им се суди во ист предмет за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Палчо на 20 септември за прв пат ќе седне во обвинителна клупа и тогаш на сите заедно ќе започне да им се суди за убиствата.

Тројцата соработници на Палчо кои се товарат дека учествувале и во грабнувањата и во убиствата на Вања и Панче, денеска со засилено полициско обезбедување од притвор беа спроведени во суд. Таткото на Вања пак беше донесен од домашен притвор.

Палчо не беше присутен бидејќи судот пред два дена го одобри обвинението против него кое го поднесе обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска, а на 20 септември ќе нема правна причина првообвинетитот да не биде спорведен од затвор и да започне судењето за убиствата кои се случија во ноември минатата година.

Според обвинението, Палчо заедно со Манев, Кешишов и Видоевски на 22 ноември го грабнале Панче Жежовски од неговата куќа во Велес, со намера да му го земат возилото цитроен за со истото возило да ја киднапираат Вања.

По грабнувањето на Жежовски се упатиле до местото Рудник во велешко и од корустољубие го убиле со пиштол со калибар 9 милиметри.

Пет дена подоцна, ја киднапирале Вања од нејзината зграда на пат за училиште, откако според обвинението таткото на Вања ги дал информациите кога ќе излегува од зградата и на каде ќе се движи, и во местото Бразда во близина на Скопје со умисла ја убиле. Петмината обвинети заедно испланирале грабнување на 14-годишното дете девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

Телата на Вања и Панче беа пронајдени на 3 декември. Првоосомничениот Палчо, беше во бегство но беше уапсен во Турција и по екстрадициониот притвор, беше донесен во Македонија.

За убиствата ќе им суди судијата Ивица Стефановски.