Лукаревска не закажува седница за Законот за задолжување од Унгарија – Власта сака да ја заобиколи
Носење Закон за задолжување директно од друга држава по скратена постапка е без преседан. Опозицијата обвинува дека задолжувањето од Унгарија е коруптивно. Поради тоа, претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска нема да го стави предлог-законот за дневен ред. Власта пак вели, ако тоа не го направи таа, ќе ја заобиколат Лукаревска и седницата ќе ја свика спикерот Гаши.
- СДСМ која ја води Комисијата за финансирање и буџет нема да го стави овој закон за расправа. Ја повикуваме власта да се вразуми, да го повлече законот и да го стави во редовна постапка, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
- Ќе се обидеме до 18 часот да ги вразумиме и да им ги дадеме соодветните аргументи коишто и навистина се на наша страна. Доколку не се случи нешто до 18 часот исходот ќе биде тој каков што кажавте вие. Ќе биде свикана седницата и овој закон ќе биде поминат, вели пратеникот Бојан Стојановски. Според опозицијата, во предлог-законот не постојат јасни критериуми и механизми за распредела на позамејните пари и не постои систем на контрола на трошењето на парите.
- Со носење на овој закон по скратена постапка целта на Владата е јавноста и граѓаните да бидат лишени од можноста детално да слушнат што се крие зад ова задолжување. ВМРО-ДПМНЕ го скрати правото на дебата и вклучување на експертската јавност во процесот на носење на самиот закон. Ова јасно упатува на заклучокот дека Владата има многу што да скрие со овој Закон, вели Филипче.
Пратеникот Стојановски уверува, со предлог-законот доставен е и договорот со унгарската Ескпорт-импорт банка, но Филипче не го прочитал. Според Стојановски, сите веќе знаат каде и за што ќе се трошат парите од заемот.
- Криејќи се позади празни аргументи и исплашени од политиките кои ги носи новата Влада Венко Филипче и СДСМ го прават тоа што секогаш го прават кога е во прашање носење на добри политики за граѓаните и подобрување на нивниот животен стандард. Застануваат против народот и развивањето на државата. И покрај тоа што имаат јасна деловничка обврска да ја закажат седницата на Комисијата за финансирање и буџет, најмногу во рок од 24 часа од изгласувањето на дневниот ред, денеска Венко Филипче и СДСМ одлучија да не го почитуваат Деловникот којшто малтене и сами го донесоа, вели Стојановски.
Половина од заемот е предвиден за општините, а половина за бизнис секторот.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар