Loading Video...
Свет
16. September 2024 - 12:24

Преглед на вестите од светот

Втор обид за атентат над републиканскиот претседателски кандидат и поранешен претседател на САД Доналд Трамп. Обидот се случил во близина на неговиот терен за голф во Вест Палм Бич, на Флорида, соопшти ноќеска американското федерално биро за истраги ФБИ. Напаѓачот е уапсен. Станува збор за 58 годишниот Рајан Весли Рут кој не бил вооружен кога полицијата го извадила од автомобилот.

Трамп играл голф кога се случил инцидентот. Шерифот на округот Палм Бич на прес-конференција рече дека напаѓачот бил во грмушките покрај теренот за голф, кога агентите на Тајната служба, кои го проверувале теренот ја забележале цевката од пушката. Тие пукале кон него, а тој ја отфрлил автоматска пушка, двата ранца и други предмети и побегнал со црн автомобил „нисан“.

Очевидец го видел напаѓачот и го фотографирал неговиот автомобил и регистарска табличка, што довело до тоа замениците на шерифот да го забележат и да го приведат во соседната област.

Трамп подоцна на социјалните мрежи се огласи дека е добро. Тој беше повреден во обид за атентат во Пенсилванија на 13 јули, што покрена многу прашања за безбедноста на претседателските кандидати пред изборите на 5 ноември.

Најмалку 30 лица, вклучително и три деца, се повредени по нападот кога бомба погоди висока станбена зграда во Харков во североисточна Украина.

Оштетена е станбената зграда. Има пожар и урнатини меѓу 9-тиот и 12-тиот кат“. Светот мора да помогне во одбраната на Украина од руски воени авиони, од десетици наведувани бомби кои секојдневно одземаат животи на Украинци. Овој терор може да се запре“, рече претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Харков, е вториот по големина град во Украина и се наоѓа во близина на руската граница и постојано е цел на напади.

Израелски граничен полицаец беше избоден со нож во Стариот град на Ерусалим. Според полицијата нападот е оценет како „терористички“ и се случил во близина на капијата на Дамаск. Терористот бил неутрализиран со пукање, а полицијата брзо и професионално го решила инцидентот.

Обилните дождови изминативе денови создаваат сериозни проблеми во државите од средна Европа. Бројот на загинати во поплавите се искачи на осум. Некои делови на Чешка и од Полска се соочија со најголемите поплави во последните три децении, бидејќи градовите евакуираа илјадници жители. Четвртина милион чешки домови останаа без струја. Неколку мали реки во јужногерманската област Розенхајм, во близина на реката Ин,а властите објавија предупредување на ниво три од четири и предвидоа постојани врнежи за јужна и источна Германија до понеделник навечер.

Во некои делови затворени се патиштата и мостовите од безбедносни причини. Австрија ја прогласи целата своја сојузна држава Долна Австрија за област на катастрофа поради обилните врнежи. Реката во Виена има висок водостој поради што, затворени се неколку подземни линии, како и автопатите околу градот и железничките врски. Прогнозите не забележуваат промена до вторник и предвидуваат постојани врнежи.