Македонија
20. September 2024 - 16:32

Општините го чекаат последниот ден за доставување на целосни документации за финансирање на проекти со кредитот од Унгарија

Половина од општините кои аплицираа за да добијат дел од унгарскиот колач вреден 100 милиони евра, ги чекаат последните денови од истекување на рокот за да ги достават целосните документации за предлог-проектите до министерствата. Досега неопходни документи испратиле нешто над 40 општини, а останатите имаат време да го сторат тоа до понеделник.

„Повеќе од 50% од општините коишто имаат поднесено апликативен формулар во рамки на Министерството за локална самоуправа веќе ги имаат доставено своите проекти. Очекуваме овие неколку дена колку што остануваат на рокот да ги достават сите локални самоуправи може да го заокружиме процесот“.

На повикот распишан од Министерството за локална самоуправа за распределување на 100 милиони евра за општините, аплицираа сите општини. 

Од следната седмица полни раце работа и рок од седум дена, ќе имаат комисиите, кои на маса ќе разгледуваат околу 360 проекти. Па, потоа ќе се носат одлуки кои проекти на општините ќе бидат финансирани, со парите со кои Владата се задолжи кај Орбан.

„Потоа започнува евалуацијата повторно во рамките на ресорните министерства. Нашите очекувања се дека фазата на евалуација нема да трае повеќе од 7-10 дена и веќе очекуваме дека првата недела на следниот месец да предлог проектите за финансирање да бидат доставени од ресорните министерства на усвојување на владина седница“.  

Претходно, Арсовска доби ладен туш од Перински на барањето на Град Скопје да добие унгарски пари за набавка на нови автобуси. Министерот кажа дека првичната цел на овие средства се за подобрување на инфраструктурата на општините, а не за набавка на основни средства на јавните претпријатија.

Со вакви проекти општините ќе може да аплицираат и догодина, а тогаш владата за нив издвојува дополнителни 250 милиони евра.