Македонија
25. September 2024 - 16:34

Се поголем број студенти заминуваат во Словенија, Владата им нуди поволни услови за бизнис за да ги врати дома

Преку 1600 македонски студенти се на факултет во Словенија според последните статистички податоци за оваа академска година. Бесплатни студии и можност да заработуваат додека учат им нуди словенечкиот систем. Но, тоа не е единствената причина поради која не сакаат да се вратат дома, проблем за нив е високата корупција,  здравствениот систем и неквалитетната животна средина која  ги одвраќа уште повеќе од дома.

Студентските  организации од Македонија и Словенија овие проблеми ги презентираа на конференцијата организирана од словенечката амбасада на која присуствуаа функционери од владата но и голем број компании. Од Владата добија ветување за отворање нови 70 илјади работни места за млади.

Од Друштвото на словенечки и македонски стопанственици велат дека е многу важно како овие мерки ќе се креираат за да дадат резултати.

Новите мерки за млади  ќе бидат дискутирани и креирани заедно со студентите од Македонија и Словенија  следната недела во министерството за економија.