Македонија
14. October 2024 - 16:37

Новиот Закон за правична е готов но не е испратен до Влада, допрва ќе се договарале деталите

Текстот на законот за правична застапеност е готов, но се уште не е доставен до владата. Коалиционите партнери во владата требало да ги договорат деталите, па по јавна дебата ќе се прецизираат чекорите понатаму , вели министерот Таравараи.

Без да откриваат детали, од влада велат дека со новото решение кое ќе биде испратено до Венецијанската Комисија за второ мислење, ќе биде опфатена поголема група на маргинализирани граѓани.

Лидерот на ЗНАМ пак вели дека мерит системот треба да биде приоритет при вработувањето, а не да се гледа само етничката припадност. Ни тој не го видел текстот на законот.

За вицепремиерот Меџити испраѓањето на новото законско решение на оценка до Венецијанската Комисија е добар потег, за да не се повтори ситуацијата со Уставен суд.

И опозициската СДСМ чека да го види новиот закон што го најавува Владата на Мицкоски како алтернатива по одлуката на Уставниот суд.

- Ставот на СДСМ е дека мора да има мерит систем за вработување во јавната администрација. Секако дека правичната застапеност треба да се почитува, но тие треба да бидат комплеметарни критериуми и да одат заедно со стручноста и компетентноста. Во изминатите 100 дена Владата покажа некомпетентност и со серија постапки го наруши принципот на мерит систем со партиски вработувања базирани на партиски заслуги, со што ја влоши ситуацијата со јавниот сектор, велат од СДСМ.

Интегративците на Ахмети засега не откриваат детали за протестите кои ги најавуваат по одлуката на Уставниот суд за укинување на алатката балансер со кој нема да има веќе вработувања по етничка основа. Ќе одговореле демократски на сите донесени одлуки.