Македонија
19. October 2024 - 16:32

Перински: Незаконски е општини да ја финансираат Албанската академија

Нема законска можност Тетово, Гостивар, Желино и Чаир – четирите општини со кои раководи албанскиот партнер во влада Вреди да финансира здружение Алабанска академија на науките и уметностите, тврди министерот за локална самоуправа, Златко Перински.

Тој во интервју за МИА вели дека општините можат да финансираат само проекти кои се во надлежност што ја има локалната самоуправа. 

„Сите средства што општината ги колектира по било кој основ, ги распределува преку усвојување на одлуки и буџети на седница на Совет и треба да бидат исклучиво насочени за спроведување и реализација на основните законски надлежности на самата локална самоуправа. Во тие надлежности, Албанска академија на науките и уметностите не стои. Општината има можност да финансира здруженија и невладини организации, но и тие здруженија и невладини организации треба на некој начин да ги спроведуваат основните надлежности за кои таа локална самоуправа постои што значи дека ако точно се чита законот, законска можност за вакво нешто нема“, коментира Перински посочувајќи дека дури и албанските академици во МАНУ посочиле дека пристапот за етничка академија е погрешен. 

Претходно и премиерот Мицкоски не се согласи општините да финансираат здружение на албански академици и смета дека таквите теми предизвикуваат поларизација и етнизираат.

Но, наспроти ваквите ставови на Перински и Мицкоски, првиот вицепремиер Меџити од албанскиот партнер Вреди се уште тврдо стои на ставот дека Албанската академија за науки и уметности е потребна во македонското општество. Тој вели на нејзе не треба да се гледа како на закана.

„Што се однесува до дилемите околу формата на организација, начинот на финансирање или поддршка, доволно е да се земе како пример финансирањето на Европската академија на науките и уметностите. Оваа Академија, меѓу другото, е дефинирана како непрофитна организација која е финансирана и од локалната самоуправа. За оние кои ќе се спротивстават, потсетувам дека меѓу членовите на оваа Академија е и поранешниот претседател на нашата држава, Ѓорге Иванов. Значи Академијата не е закана туку можност! Сè што треба да го видиме во ова светло е демистификација и размислување надвор од рамките што нè прават заложници на минатото“, пишува Меџити во ојава на Фејсбук.

Тој коментира дека државните научни академиии на Блаканот останел со сфаќања од 19 век, па така МАНУ во 2001 година предложила поделба на Македонија, додека српската академија  - чисти етнички држави.  

Минатата недела тетовскиот градончалник и еден од лидерите на Вреди – Касами беше домаќин на средба со академиците од Здружението на албанската академија кое беше формирано летото. Од здружението велат нивната работа е од суштинско значење за унапредување на интелектуална мисла на Албанците, а за такво нешто до сега не добивале простор во рамки на МАНУ.