Мицкоски: Фокусирани сме на вистински капитални инвестиции
Фокусирани сме на вистински капитални инвестиции, а не на трансфери до јавните претпријатија кои претходната влада ги пријавуваше како капитални инвестиции поради што граѓаните не можеа тоа да го почувствуваат во својот стандард, посочи денеска премиерот Христијан Мицкоски. Следната година, како што кажа, ќе се реализираат автопати, водоводи, канализации,...
-За следната година во буџетот се предвидени околу 50,5 милијарди денари за капитални инвестиции и тука не се предвидени оние трансфери коишто шпекулативно претходната влада ги пријавуваше како капитални инвестиции. Ќе земат 200 милиони, 12, 13, 15 милијарди ќе ги префрлат на некои од јавните претпријатија за да можат да обезбедат ликвидност при тековното работење и тоа го декларираа како капитални инвестиции. Тоа се трансфери, тоа нема никаква врска со капиталните инвестиции и токму од тие причини граѓаните тоа не го чувствуваа во својот стандард. Ние имаме вистински и реални капитални инвестиции, посочи Мицкоски во одговор на новинарско прашање по денешната посета на Тутунскиот комбинат во Прилеп.
До 24 јуни, како што рече, буџетскиот дефицит и реализираните капитални инвестиции беа 3:1, 18 милијарди на шест милијарди, заклучно со октомври буџетскиот дефицит е под 24 милијарди, а капиталните инвестиции се околу 19 милијарди.
-Тие до крајот на годината би требало да се спојат што претставуваше наша основна задача, бидејќи за тоа што се задолжуваме, тоа да го вложуваме преку капиталните инвестиции за да имаме додадена вредност. Фокусот на капиталните инвестиции веќе се гледа во општините и се гледа на терен, посочи Мицкоски.
За изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д, рече дека на почеток имале дилема кој пат да го фатат.
-Првиот пат беше да излеземе од тој проект, а со тоа македонските граѓани ќе плаќаа стотици милиони евра пенали поради катастрофалниот договор што го прифатила претходната влада или втората беше да работиме, да го забрзаме процесот и тој што побргу да се реализира. Ние одлучивме второто да го правиме, бидејќи сакаме да имаме автопати, тие се дел од нашата програма, појасни Мицкоски.
Бевме свесни, потенцира, дека мора двапати повеќе со покрупни чекори да работиме за да можеме да ја стигнеме динамиката, за да можеме тоа што беше испуштено од претходната влада да го надоместиме.
-Сега веќе се работи на две секции од четирите, третата се подготвува, а за четвртата Требениште – Ќафасан имаме проблеми бидејќи дел од делницата е во периметарот којшто е заштитен од УНЕСКО, дел е во приватни парцели, работиме и на тоа. Не направивме двапати побрзи чекори, четири пати побрзи чекори направивме. На потегот од Прилеп до Битола од 1200-1300 парцели 850 се веќе решени, очекувам и другите. Армијата работи на деминирање, бидејќи на овој потег била линијата на фронтот во минатото, така што сите капитални инвестиции се реализираат, потенцира Мицкоски.
На општините, како што кажа, ќе им бидат достапни и 50 милиони евра од ЕИБ, кои претходната влада ги зела како заем, но не го реализирала бидејќи во најголем дел од општините градоначалници биле од ВМРО-ДПМНЕ.
-Кредитот од 50 милиони евра од ЕИБ наменет за општините е од претходната влада, но не бил функционален, не бил оперативен бидејќи мнозинството градоначалници биле замислете од ВМРО-ДПМНЕ и сега како ние ќе финансираме проекти на градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Па сега мораше оваа влада, овој министер да го извади тоа на маса да го стави и да ги повика сите градоначалници, вклучително и оние на СДСМ и оние на ДУИ и оние коишто се независни кандидати, да седнеме и да го ставиме во функција. Добро е да се реализира, без разлика дали градоначалниците се од редовите на Владата или од опозицијата, рече Мицкоски.
Ново на Сител
-
Папата Франциск ја отвори „светата врата“ во затвор на периферија на Рим
-
Во Азербејџан е ден на национална жалост во спомен на жртвите од вчерашната авионска несреќа
-
Раст на БДП над 4 отсто во следните четири години, целосна реализација на капиталните инвестиции и рационализација на буџетските расходи, бара бизнисот
-
Студентски протести во Нови Сад: Властите треба да се плашат од народот, а не обратно
-
АЕТСМ: 63.5% од интернет корисниците направиле онлајн нарачки во 2024 година
-
Претреси во Скопје, пронајден амфетамин
-
СКСЗМ бара 500 евра минимална плата, пониски придонеси и прераспределба на администрацијата во приватниот сектор
-
Во Дебар приведено лице кое се заканувало на вработените во Општата болница