Поради недостиг на нафта немаше автобуси викендов, но и денеска на постојките се чека по еден час
Автобуските станици полни со граѓани, автобус се чека од 40 минути до еден час. Кога ќе дојде пак, се прават огромни гужви, па едвај и да се влезе во автобусот. Ако им се посреќи на граѓаните да има сонце дури стојат на постојка, ако не мрзнат на автобуските дури го чекаат автобусот кој треба да ги однесе до дома, до работа, до болница или до пазар.
Народот трпи, надлежните ништо не преземаат е впечатокот на граѓаните кои денеска ги анкетираше Сител. Сепак имаше и онакви на кои им се посреќило, па автобусот кој им требал веднаш дошол.
Според информациите на синдикатот автобусите викендов немале нафта, па затоа и не сообраќаа или пак беа многу ретки. Отаму велат:
Викендов половина автобуси останаа без нафта. Долгот кон компанијата која го снабдува ЈСП со нафта е голем и на тоа се должеше отсуството на автобуси викендов, но и поради расправијата помеѓу градоначалничката Арсовска, претседателот на советот на град Скопје, Славевски и мнозинството во советот. Нафтата дојде во 3 наутро. Автобусите што имаа нафта утрово излегоа на линија, а до 8 веќе сите сообраќаа на линиите. Има ветувања од град Скопје дека проблемот со нафтата во иднина нема да се повторува, велат извори од синдикатот.
Но иако неколкупати го побаравме директорот на ЈСП да објасни со каков проблем се соочува претпријатието, одговор не добивме.
Единствено што се огласи некоја надлежна институција беше Градот Скопје, доцна синоќа со кратко соопштение дека
„Почитувани, Ве известуваме дека и покрај сите притисоци, од утре ЈСП ќе сообраќа редовно и во полн капацитет.
Но за какви притисоци станува збор, од кого, дали имаат нафта автобусите на ЈСП и дали има начин како ќе се надмине проблемот- ова беа прашањата што ги испративме до Градот, но на кои не добивме одговор.
Претходно, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓоргиевски посочи дека ќе треба да се чека до локалните избори за да се подобри ситуацијата во градот и со јавниот превоз. Одговорноста за проблемите во главниот град си ја подаваат градоначалничката Арсовска на советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои таа смета дека и ги блокираат одлуките и обратно.
За граѓаните во Скопје пак, останува само надежта дека нешто ќе се промени или пак чекајќи на постојките да ги чекаат и идните локални избори следната година, а дотогаш автобуските ќе останат полни, автобусите се поретки, а проблемите во градот кои надлежните милуваат да го викаат европска метропола- се поголеми.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар