Мицкоски смирува, во среда нема да се случи ништо - ДУИ со нови предупредувања
За етничките поделби кои се обидуваат да ги направат група на поранешни функционери на ДУИ веќе знаат стратешките партнери. Во среда нема да се случи ништо – тврди премиерот, откако интегративците се заканија со евентуална дестабилизација, ако се укине законот за јазици . Безбедносната состојба е под контрола, уверува Мицкоски.
-Во среда нема ништо да се случи, има процедури, подготвителни седници и така натаму, но тие повторно ги злоупотребуваат Албанците, Македонците и ги малтретираат со обид на поделба и со обидот да привлечат внимание. Затоа ги молам сите граѓани, да бидат спокојни. Ова е изолирана група на поранешни високи владини функционери за кои постојат основани сомневања дека постои огромен криминал, кој набрзо ќе почне да се обелоденува. Без разлика колку се жилави и колку се борат, ќе ги поразиме, и едните и другите, и слугите и овие другите. Мора јавноста да ја дознае вистинската вистина, што се крие позади оваа хајка на овие политички профитери, изјави Мицкоски.
Овие техники на политички закани и прогон, користени во најмрачните периоди на комунизмот, нема да успеат, вратија од ДУИ.
-Сите аргументи укажуваат дека нашите загрижености за јазикот се реални и базирани на факти. Затоа и постои широка мобилизација, надвор од партиските линии, за да се спречат обидите кои ја загрозуваат иднината на државата. Упатуваме апел до Премиерот да ги прекине заканите и неговата разединувачка и провокативна реторика. Не можете да исплашите никого, а најмалку народ кој отсекогаш бил подготвен да се жртвува за правда и еднаквост, стои во соопштението од Мала Речица.
По интегративците и Села со порака до Мицкоски - не го чепкајте албанскиот јазик, тој ќе опстои како што опстојуваше 8 илјади години.
-Велат дека Уставниот суд е тој што го прави ова, но излезе вистината дека иницијативата за укинување на законот за употреба на јазиците била на ВМРО-ДПМНЕ и ние ова го знаеме и сме го објавиле на јавноста. Апел до Владата, до Христијан Мицкоски, точно е дека Уставниот суд не е во прашање, но ваша иницијатива е да се чепне албанскиот јазик. Опаметете се и не допирајте го албанскиот јазик, јазик кој, од археолошките извори и направените откритија, датира повеќе од 8 илјади години овде во оваа земја, изјави Села.
Од Мала Речица преку писмо до меѓународниот фактор побараа дипломатски ангажман за да не се случела дестабилизација на земјата по одлуката на Уставен.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар