Македонија
1. January 2025 - 16:41

Првото бебе на скопска Гинекологија е машко

Една секунда по полноќ на свет дојде Јаков, прво бебе на брачниот пар Сања и Александар. Мајката среќна, на Клиниката за Гинекологија среќни од стартот на годината.

-Среќна сум, најубав подарок за Нова Година, вели Сања Талевска Догазанска.

Ако денот по утрото се познава, годината ќе биде плодна и успешна велат од ГАК каде дежурниот тим имал полни раце работа.

-Постапиле по протоколите и на свет го донесоа Јаков, кој ете, и самото име кажува убава, јака година која се надевам на сите ќе им биде плодна и бериќетна. Од нашата клиника секогаш насмеани ги испраќаме пациентите, ние сме единствени каде си одат со солзи радозници и посакувам што повеќе да доаѓаат тука, вели проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев, директор на Клиника за Гинекологија и акушерство.

Само неколку секунди после Јаков, на свет дојде Аја која беше родена во Гинекологија Чаир. Министерот Таравари вели нема натпревар каде ќе биде родено првото бебе, туку да има што повеќе новороденчиња.

-Без разлика каде е родено првото бебе, најважно е што повеќе бебиња да доаѓаат. Да се множат вакви вести, што повеќе новородеи во секоја минута, вели Арбен Таравари, министер за здравство.

Традиционално, од министерството за социјала првото бебе доби златник, а ист таков подарок Јаков и Аја добија и од фамилијата Мицкоски. Сопругата на премиерот Рози Мицкоска беше во посета на ГАК и во Чаир заедно со здравствените власти.

-Секако сме тука да се грижиме за најмладите и после тоа да дојдат во детските градинки и да бидат дел од детската заштита, вели Ѓоко Велковски, заменик министер за социјала

Прв жител на Прилеп во Новата Година е Стефани, која на свет дојде неколку часови по најлудата ноќ.

Чувството е прекрасно. Ќе се навикнеме, вели Ангела Јанеска.

Дали годината ќе биде машка или женска не е толку важно, колку што треба пораст на наталитетот и што повеќе бебиња. Клиниката за Гинекологија 2024 ја завршила со нешто повеќе од 3800 раѓања што процентуално е повеќе од 2023, но нивната желба е да има што пвоеќе деца и повторно да зборуваат за породувања над  4000 во една година.